Писмото на МПЦ-ОА е добар доказ дека создавањето нова, далеку попозитивна социјална клима во билатералните односи може да влијае корисно врз сите сфери од животот. БПЦ сигурно ќе направи потребни напори преку црковна дипломатија да ги убеди своите посестрими во правото и потребата на МПЦ да добие автокефалност, изјави во интервју за МИА, првиот бугарски амбасадор во Македонија, Ангел Димитров.
Тој во интервјуто се осврнува и на влијанието на СПЦ и на Руската православна црква на Балканот, како и за моќта на Бугарија да се избори за побрзо интегрирање на земјите од Западен Балкан во европското семејство.
– Гласот на Бугарија во ЕУ е веќе доволно авторитативен поради големиот експертски потенцијал и поради енергијата, со која се бара разбирање за придобивките од интеграцијата на балканскиот регион во Европа, наведува поранешниот бугарски амбасадор.
Димитров, како добар познавач на македонско-бугарските односи, го образложи и потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, но даде свое видување и за состојбата и напредокот на Македонија во последните 17 години.
– Договорот не е само израз на политички континуитет во реалистичкото размислување, туку и доказ дека поволната ситуација создадена за напредок во билатералните односи може да биде пример за успех во Југоисточна Европа, додаде Димитров.
Целото интервју со поранешниот бугарски амбасадор ќе биде објавено утре.