Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера попладне одржа антивладин протест, движејќи се од седиштетот на партијата до Владата на Република Македонија. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски пред Владата на РМ најави мобилизирање пред претседателските избори и побара заедно со присутните оставка од актуелната власт.
– Да го изразиме нашиот револт и несогласуавање со сите овие корупциски скандали и погрешни политики кои оваа корумпирана Влада ги прави на нашата држава, нагласи Мицкоски.
Им се заблагодари на присутните нарекувајќи ги најхрабри што се придружиле денеска, апелирајќи и наредната и секоја наредна среда, па и четврток, петок и понеделник и вторник пред платото на Владата, низ улиците, низ плоштадите, во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ да се мобилизираат и, како што рече, да им го нанесеме најголемиот пораз во историјата на следните претседателски избори.
Поздравувајќи ги они кои поради оправдани причини не се дојдени на протестот, нагласи, оти знае дека даваат поддршка, но затоа што се притиснати, прогонети од самобендисаните функционери именувани од оние луѓе внатре, посочувајќи кон Владата, им се закануваат на нив и на нивните семејства да не бидат дел од овие протести.
– Зарем тие се тие европски вредности за кои се бориме. Зарем таа е таа европска придобивка која Зоран Заев и луѓето околу него ни ја продаваат. Зарем тоа се сите оние претреси што ги правеа на нашите браќа, на нашите поддржувачи минатата недела, запраша лидерот на ВМРО- ДПМНЕ.
Побара од граѓаните лојалност и доверба за државата, наведувајќи дека од државата ќе побараат да обезбеди сигурност, економски развој, подобар стандард, вработување за секој млад човек, полни паркови и насмеани лица во следната 2019 годна.
– Ако тоа не ни го овозможи оваа Влада ќе ја смениме, ќе дојде некоја друга Влада која ќе ја предводи ВМРО и сето ова што го зборувам ќе го исполниме, ви ветувам, истакна Мицкоски.
Рече дека нема ниту шанса, ниту простор за да се чека веќе, повикувајќи ја власта да си замине од, како што рече, узурпираните позиции.
– Сета оваа болка, сета оваа неправда што и ја нанесоа на Македонија, непочитувањето на резултатите од референдумот, сето она што безмилосно го туркаат, грешат ако мислат дека нема да го платат. Ќе го платат и тоа скапо, ќе го платат на следните парламентарни избори, кога и да се случат. Јас ви ветувам, потенцираше тој.
Посочи дека лица го прашувале, зошто ја избегнува темата за името.
– Не ја избегнувам, ме боли, ме пече, можам да зборувам до сабајле на таа тема, но се борам и ве повикувам сите да се бориме во оваа битка. Знам дека е нерамноправна и знам дека сме сами, нагласи Мицкоски.
Наведе дека за некој ден ќе излезе, како што истакна, фантастично голема скандал.
– Ќе пронајдат документ, ќе пронајдат опрема која повеќе од две години ги слушала сите обвинители и судии. Потоа нема да знаат како да го излажат својот народ… Сакате да монтирате случаи повторно, сакате да ги уценувате и обвинителите и судиите. Сакате сите да судат по принципот на „кацарска-судството“. Сакате сите да обвинуваат по принципот на „рускоска-обвинителството“. Ќе дојде денот кога истите тие ќе пропеат за сите нарачки, истакна Мицкоски.
Посочи дека имаат заедничка кауза, а тоа е како да го поразат Зоран Заев и СДСМ.
– Заедно ќе протестираме против економските црнила, против сиромаштијата, против зголемените даноци и беспарицата, ќе протестираме и против политичките и национални црнила, против неправдата и несигурноста, против црното политичко мучуриште во кое тињаат македонските политичари, против прогонот кој станува закон, а законот мета за поткусурување, против промената на Уставот, името, идентитетот, ќе протестираме против општествените црнила, против задушувањето на секој еден граѓанин, против сето она кое нас не тишти, ќе протестираме и нема да се прибереме дома, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.