Стив Пљакас и неговата посветеност на Античка Македонија

Стив Пљакас и неговата посветеност на Античка Македонија (6)
a 4САРКОФАГОТ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ИСТАНБУЛ

Поради големата декорација на релјефот посветена на големиот воин, саркофагот го добива името не по името на владетелот, туку по името на Александар Македонски. Овој извонредно значаен и карактеристичен споменик беше пронајден од еден селанец од Сидон кој работејќи на својата нива го открил ова значајно дело. Во Истанбул, црквата „Света Софија“ станала главен храм на христијанството. Така останало сè додека во 1453 година, Турците не го зазеле Костантинопол, кој оттогаш го носи името Истанбул. Црквата е преправена во џамија, а Кемал Ататурк ја прогласил „Света Софија“ за музеј

За бизнисменот од Канада, Стив Пљакас и авторот на овие редови Славе Катин, еден од најголемите предизвици во Истанбул беше посетата на саркофагот на Александар Македонски. Овој огромен и по многу нешта карактеристичен историски експонат е најголемата атракција за посетителите што доаѓаат во Археолошкиот музеј на Истанбул од времето кога е пронајден во 1887 година, па сè до денес.

И покрај тоа што саркофагот е именуван по Александар Македонски, тој не е негов, туку веројатно на кралот Абдолонумис, кој бил последен крал на Сидон (Саида), во денешен Либан, град кој во тоа време бил дел од Отоманската империја.

Саркофагот е именуван по Александар Македонски поради изгравираните стотина фигури што ги симболизираат победите на Александар Македонски. Исто така, поради големата декорација на релјефот посветена на големиот воин, саркофагот го добива името не по името на владетелот, туку по името на Александар Македонски.

При нашата посета саркофагот на најголемиот генерал во историјата на човештвото – Александар Македонски, се наоѓаше во најголемиот музеј во светот, Археолошкиот музеј во Истанбул. Овој извонредно значаен и карактеристичен споменик беше пронајден од еден селанец од Сидон кој работејќи на својата нива го открил ова значајно дело.

Реализацијата на саркофагот на Александар Македонски ја извршил бегот Осман Хамбди, кој во тој период бил директор на Османлискиот музеј. Пред саркофагот на Александар Македонски останавме подолго време. Го гледавме, го анализиравме, се чудевме, се восхитувавме и се потсетивме на големите подвизи на Александар Македонски, кој заедно со својата војска од Македонија и од други места стасал дури до реката Инд.

Исполнети со восхит и силни чувства кон минатото на македонскиот човек, го напуштивме Музејот во кој се наоѓа саркофагот на Александар Македонски и се упативме кон „Света Софија“ (Аја Софија).

114Света Софија во Истанбул

Овој споменик доминира над Истанбул и е изградена да биде видена и почувствувана од сите простори на градот. На посетителот му е тешко врз основа на денешниот изглед да ја открие променливата судбина на оваа градба. Така, во пишаните документи стои дека за 150 години „Света Софија“ беше оценета како светско чудо кое ги импресионира сите посетители, бидејќи тоа е споменик на огромната култура на човештвото, којшто никогаш повторно не бил изграден.

Менувањето на судбината на „Света Софија“, од христијанска црква на сите цркви, до исламска џамија, и, конечно, до денешниот музеј, оставила траги насекаде: во оваа форма, со бројните дополнувања, реновирање, и промени. Само прекрасната купола, чиј покрив се протега 56 метри над наосот на црквата, нема изгубено од својата непроценлива вредност и убавина. Служела како модел за многу источни џамии.

Цар Константин Велики прво подигнал црква на местото на денешната Света Софија, кога ја именува Византија под името Константинопол, како главен град на Источното Римско Царство, и ја нарече оваа црквата “Голема црква”.

Двесте години подоцна оваа црква, а поголем дел од Константинопол, биле изгорени во оган за време на бунтот против царот Јустинијан. Сепак, Јустинијан изградил уште една црква, дури и поголема и поубава од првата. Артемие од Трал и Исидор од Милет, најпознатите конструктори на Источното Римско Царство направиле планови за „Света Софија“. Но, кралот постојано го следел развојот на овој проект. Се шепотело меѓу луѓето дека еден ангел на кралот му ги покажал градежните плановите на сон. Градежните работи чинеле 360 сентенарии или 18 тони злато.

Десетици илјади занаетчии шест години ги собирале сите скапоцености на Источното Царство, најблескавиот мермер, најубавите столбови, а се правеле и златни мозаици за да ги красат ѕидовите. Кога била завршена, „Света Софија“ станала главен храм на христијанството. Така останало сè додека во 1453 година, Турците не го зазеле Костантинопол, кој оттогаш го носи името Истанбул. Црквата е преправена во џамија, а Кемал Ататурк ја прогласил „Света Софија“ за музеј.

2Најголемиот музеј во Истанбул

Инаку, Јустинијан I бил роден во селото Таор, кај Скопје, во Македонија, а бил византисјки цар, император на Источното Римско Царство, христијанин и православен теолог. Настојувал да ја обнови моќта и големината на Римската Империја која била ослабена со упадите на варварските племиња. Познат е по проширувањето на Империјата, првенствено, со воените кампањи на Византија, како и по неговиот брак со контроверзната царица Теодора. Историјата го памети и како најголем кодификатор на класичното римското право. Јустинијан бил една од најзначајните личности во доцната антика, и со него завршува периодот на благосостојба во Византија.

Покрај легендарната „Света Софија“ го посетивме и Коњскиот плоштад кој е дел од византискиот хиподром со три прекрасни споменици: Теодосиевиот обелиск, Змискиот столб и Константиновиот столб. Овие споменици ги посетивме во попладневните часови кога бројот на посетителите е мал, за разлика од претпладне и имавме доволно време да се восхитуваме на нивната големина, начинот на изработка и транспортирањето, особено Теодосиевиот обелиск кој предизвикува голем интерес кај секој посетител.

Недалеку од овие споменици е сместена Султан-Ахмедовата или Сината џамија, која ја посетивме во попладневните часови кога бројот на верниците беше незначителен. Тука ги добивме податоците дека оваа џамија е градена во периодот од 1609 до 1616 година и претставгува ремек-дело на турското градежништво. Ентериерот е од син и зелен мермер; има 260 прозорци претежно со кристални стакла; во неа постои царска ложа во која султанот можел да дојде на коњ. Таа е една од најголемите и најубавите џамии на светот, која во еден долг период имала за цел да ја симболизира силата и големината на турските султани.

Црквата „Свети Стефан“, позната како „Железна црква“, која е под јурисдикција на Бугарската патријаршија, е изградена повеќе со пари и донации на Македонци во Истанбул. Започнала да се гради во 1849 година кога некој доселеник по име Стефан купил место за градба на црква каде денес се надвишува прекрасна архитектура.

Првиот објект на црквата бил од дрво и бил опожарен неколку пати. Затоа, верниците, меѓу кои најбројни биле Македонците од Егејска Македонија, во 1891 година нарачале железна црква од Виена, која подоцна бродски била пренесена и монтирана на истото место каде и била старата црква. Црквата била осветена во 1898 година од егзархиски владика и до денес доаѓаат исклучително свештени лица од Бугaрската православна црква за да ги задоволат религиозните потреб и на Македонците.

Железната црква „Свети Стефан“ ја посетивме попладне, а потоа се поклонивме во црквата „Свети Ѓорѓи“ што се наоѓа во комплексот на Вселенската патријаршија. И тука бевме информирани дека околу 1.500 православни христијани, меѓу кои најбројни се Македонците и Грците, ја посетуваат оваа живописна црква со бројни значајни икони и орнаменти.

1Црквата „Св. Стефан“

Ете, тоа е Истанбул на Босфорот кој ние со Стив Пљакас го посетивме, се воодушевувавме и поминавме незаборавни моменти и ни остана во сеќавања сè она што го видовме за нас Македонците, особено за Античка Македонија, за која Турците имаат посебен респект. Сите тие историски факти и постоењето на Македонија и македонскиот народ имаат поддршка и посебно место во историјата на денешна Република Турција.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *