Со исклучок на неколку екстремистички гласови од Грција и Бугарија, огромното мнозинство европратеници синоќа на дебатата пред гласањето за извештајот за Македонија побараа старт на преговори за членство во ЕУ во јуни, но потсетија дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо.
Известувачот Иво Вајгл, но и други европратеници потсетија дека не само Македонија, туку и Европската Унија треба да ги исполни своите ветувања во евроинтегративниот процес. Тој како и многумина други го поздрави Преспанскиот договор и повика тој да биде комплетиран во македонското Собрание и порача дека верува дека преговорите со ЕУ ќе започнат во јуни 2019.
-За ова потребна е инклузивна демократска атмосфера, сите треба да соработуваат, треба да се модернизира судскиот систем, да се почитува владеењето на правото, да се создаде простор за слободни медиуми, да се заштитат новинарите и да се води ефикасна борба против корупцијата и организираниот кримина, порача Вајгл.
Еврокомесарот Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави изгласаните уставни измени нарекувајќи ги храбар чекор кој очекува да продолжи без одлагање.
-Важно е реформскиот момент да се продлабочи во интерес на граѓаните, изјави Хан потсетувајќи на трите услови запишани во заклучоците на Советот на ЕУ од јуни – независно судство и борба против корупција, контрола на разузнавачките и безбедносните служни и реформата на јавната администрација, реформи без кои преговори не можат да бидат доделени.
Тројца пратеници од Романија, која го презема претседателството со ЕУ од први јануари 2019, силно поддржаа почеток на преговори со Македонија и изразија жалење што досега тоа не се случило.
-Македонија е земјата кандидат со најголем степен на усогласеност со европското законодавство, изјави Виктор Боштинару.
Кристијан Дан Пред од ЕПП ја повика Грција на повеќе разбирање кон Македонија особено по острите критики на неколку грчки пратеници како Софиа Сакорафа која изјави дека нема да го поддржи извештајот на Вајгл за Македонија.
-Преспанскиот договор не е изводлив, изјави таа порачувајќи дека уставните измени го нарушуваат договореното.
Константинос Пападакис од Комунистичката партија, пак, порача дека извештајот на Иво Вајгл е „прекршување на ЕУ“ и дека претставува „потклекнување пред големиот капитал за интересите на европските монополи“.
-Земја која до вчера не беше подготвена, сега преку ноќ стана подготвена, ова е лудило, изјави Пападакис и потврди дека ќе гласа против извештајот.
Претставничката на австриското претседателство, Каролин Едстадлер, од своја страна, слично како и комесарот Хан потсети на преостанатите реформи кои се потребни за почеток на преговори и повика да се најде начин да се обезбеди непрекинато работење на СЈО.
-Земјата надмина длабока политичка криза и дури во тешки политички моменти Владата презема тешки чекори да ја врати културата на компромис и и пружи рака на опозицијата покажувајќи искрена желба за реформа на инклузивен и транспарентен начин.
Не изостанаа пораките до Унгарија за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски.
Известувачот Иво Вајгл оцени дека одобрениот азил претставува „неприфатливо мешање“ од страна на унгарските власти.
-Загрижен сум за случајот со Груевски, Унгарија мора веднаш да го врати, со ова Унгарија прави опасен преседан, изјави Романецот Боштинару.
Преда ја обвини Унгарија дека станала „земја на азил за корумпирани луѓе“ цитирајќи романски случаи.
-Тоа што Орбан го направи не е поддршка на Македонија, изјави Преда.
Европратеникот од унгарски Фидес, Ласло Токес, изјави дека Унгарија продолжува да го поддржува проширувањето кон Западниот Балкан, вклучително и Македонија.
-Го отфрламе тоа што социјалистите и зелените го користат случајот со Груевски за идеолошки напад врз Унгарија, изјави Токес алудирајќи на амандамните за кои ќе се гласа денеска.
Тој порача дека унгарскиот потег најдобро се разбира во контекстот на „миграциските активности и лобирањето на Сорос“.
-Давањето азил беше согласно законска процедура, и секој ќе се согласи дека се потребни дополнителни напори за да се заштити судството од политичко мешање, рече Токес.
This article is a gem! The insights provided are very valuable. For additional information, check out: DISCOVER MORE. Looking forward to the discussion!