Во Бразилија вчера беа одржани политички консултации меѓу Република Македонија и Федеративната Република Бразил, соопшти денеска МНР.
Делегациите на двете земји ги предводеа државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Виктор Димовски и генералниот потсекретар при бразилското МНР, амбасадорот Алесандро Кардеас.
Политичките консултации коиндицидираат со одбележувањето на дваесетте години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Бразил.
Димовски и Кардеас го истакнаа задоволството од позитивниот тренд на развојот на билатералните односи меѓу двете пријателски држави, при што беше нагласен взаемниот интерес за продолжување и продлабочување на политичкиот дијалог и соработка, со посебен акцент на унапредувањето на економската и парламентарната соработка, како и соработката во областа на културата, образованието, туризмот и останатите области од заемен интерес. Особено внимание беше посветено на продолжувањето на соработката на двете земји во рамките на мултилатералните организации, наведуваат од МНР.
Беа разменети мислења и за актуелни теми од меѓународните односи, внатрешно-политичките и економски состојби во двете земји, како и за регионалните прашања во Југоисточна Европа и во Јужна Америка.
Согласувајќи се дека одржувањето на политичките консултации помеѓу двете земји треба да стане редовна пракса, Димовски и Кардеас изразија надеж дека набргу ќе биде реализирана најавата за отварање на Амбасадата на Бразил во Скопје, соопшти МНР.