Прв состанок на собраниското тело за помирување

Собраниското Координативно тело за помирување и интеграција денеска треба да го одржи својот прв состанок.

Во јавноста излегоа информации дека веќе е подготвен нацрт – закон за амнестија, но официјална потврда за тоа се уште нема.

Пратеници од независната група на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена соопштија дека на седницата се очекува да бидат изнесени размислувања во врска со содржината на законот за помирување за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Најавија дека ќе ги соочат фактите и дека има консултации со правници во врска со законот за помирување.

Во среда седница ќе има, но не значи дека на неа ќе помине некаков текст на закон за помирување, нагласија од оваа пратеничка група.

Координативното тело што го предводат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група, брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.

Дали законот за помирување ќе има поддршка од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од тоа што ќе биде понудено, посочуваат пратеници од оваа пратеничка група без разлика на тоа што не учествуваат во работата на Координативното тело. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи, но владејачкото мнозинство не прифати закон за целосна амнестија за насилствата од 27 април.

Од СДСМ и вчера повторија дека не смее и не може да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27-ми април. – Одговорност за насилството на 27 април мора да има, нагласуваат од владејачката партија.

Осумтемина пратеници кои се иницијатори на ова тело за помирување ја подржаа потребата за пристапување кон уставни измени и беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека има средба со Никола Тодоров и Митко Јанчев во Струмица на која разговарале за работата на Координативното тело за помирување, за реформите и процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, како и за процесот за уставни измени. Тој нагласи дека верува оти јасно изразената одговорност од страна на Тодоров  и градоначалникот Јанчев може да охрабри одредени пратеници кои „знаат кој е исправниот чекор, а се уште немаат доволно храброст да го направат тој чекор“.

Изрази верување дека бројката од 80 пратеници може да се зголеми. -Таа бројка од 80, која беше овозможена при првото гласање беше само за тогаш и никој не може да каже дека таа бројка ќе опстојува. Јас искрено се надевам дека бројката ќе расте, рече Заев.

Иако се исклучени од партиските органи, Заев верува дека Тодоров и Јанчев имаат влијание во партијата, и дека и покрај промените во позициите тие сепак се чувствуваат како дел од ВМРО-ДПМНЕ и затоа ги повикал на кафе во Струмица.

Истакна дека со задоволство би учествувал на Координативното тело, нагласувајќи оти тој е иницијаторот на процесот на помирување.

-Верувам искрено во него. Оваа закрвавеност, омраза коишто се јавуваат во нашето општество  треба да помогнеме сите заедно да се надминат, посебно во периоди кога сме сите заедно  за стратешките цели  а тоа е членството во НАТО и во ЕУ, истакна Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *