Отворена изложбата „Русите во Македонија“

Во галеријата „Ванѓел Коџоман“ во Струга денеска беше отворена историска изложба „Русите во Македонија“  со што почна одбележувањето на јубилејот 90 години Музеј „Др. Никола Незлобински“.

Изложбата е посветена на историјата на руската миграција во Македонија, а е преземена од Државниот архив на Република Македонија. На отворањето присуствуваа директорите на Архивот Кирил Петров, на Музејот Дениз Сефиданоски и Михаил Крапива, аташе за култура во Руската амбасада во Македонија.

Честитајќи го јубилејот 90 години Музеј „Др. Никола Незлобински“, директорот на Архивот Петров истакна дека изложбата е посветена на луѓе што не ја прифатиле октомвриската револуција и т.н. нов поредок, на луѓе што ја напуштиле Русија и по воља на судбината останале во Македонија.

-Тие луѓе ја прифатиле македонската земја како нова татковина и ја засакале не помалку од својата. Насловувајќи ја изложбата ги одбегнавме зборовите бегалци и мигранти. Тие биле Руси, рече Петров.

Русите на кои им е посветена изложбата, додаде тој, со револуцијата изгубиле се, својата татковина, имоти, начинот на живот и своите блиски, но не ги изгубиле достоинството, честа моралните вредности и човечноста.

-Русите за кои станува збор на изложбата во својата работа тргнувале од својот главен принцип, а тоа е служење на делото и на луѓето. Тоа претставувало за нив голема норма која е резултат на личниот избор. Со изложбата се истакнуваат не само примери на служење на делото во минатото ,туку и во сегашноста, појасни Петров.

Изложбата, додаде тој, е резултат на несебична  работа на професионалци од повеќе институции во Македонија. Преку изложбата Државниот архив на РМ сака да го презентира новото во неговото работење, а освен традиционалните ќе формира и тематски дигитални фондови од македонските и странските архиви.

Атешето за култура во руска амбасада забележа дека низ уникатни фотографии и содржини е отсликан животот на руските мигранти во Македонија, нивниот придонес на развојот на науката, медицината, архитектурата, уметноста и влегувањето во својата втора татковина.

– Формирањето на руската колонија на македонската земја во периодот меѓу двете светски војни стана важна етапа во создавањето на руска дијаспора на ова тло. Дијаспора која и денеска игра позитивна улога во рамките на нашите меѓусебни односи меѓу Русија и Македонија, рече Крапива.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот утре во спомен собата на Незлобински ќе биде претставена изложбата „Во допир со минатото“, а в четврток јавноста ќе може да погледне „Фотографии од збирката стаклени негативи на д -р Никола Незлобински“ кога ќе биде промовирана и фотомонографија од оваа збирка во Спомен домот на Браќата Миладиновци.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *