Во галеријата „Ванѓел Коџоман“ во Струга денеска беше отворена историска изложба „Русите во Македонија“ со што почна одбележувањето на јубилејот 90 години Музеј „Др. Никола Незлобински“.
Изложбата е посветена на историјата на руската миграција во Македонија, а е преземена од Државниот архив на Република Македонија. На отворањето присуствуваа директорите на Архивот Кирил Петров, на Музејот Дениз Сефиданоски и Михаил Крапива, аташе за култура во Руската амбасада во Македонија.
Честитајќи го јубилејот 90 години Музеј „Др. Никола Незлобински“, директорот на Архивот Петров истакна дека изложбата е посветена на луѓе што не ја прифатиле октомвриската револуција и т.н. нов поредок, на луѓе што ја напуштиле Русија и по воља на судбината останале во Македонија.
-Тие луѓе ја прифатиле македонската земја како нова татковина и ја засакале не помалку од својата. Насловувајќи ја изложбата ги одбегнавме зборовите бегалци и мигранти. Тие биле Руси, рече Петров.
Русите на кои им е посветена изложбата, додаде тој, со револуцијата изгубиле се, својата татковина, имоти, начинот на живот и своите блиски, но не ги изгубиле достоинството, честа моралните вредности и човечноста.
-Русите за кои станува збор на изложбата во својата работа тргнувале од својот главен принцип, а тоа е служење на делото и на луѓето. Тоа претставувало за нив голема норма која е резултат на личниот избор. Со изложбата се истакнуваат не само примери на служење на делото во минатото ,туку и во сегашноста, појасни Петров.
Изложбата, додаде тој, е резултат на несебична работа на професионалци од повеќе институции во Македонија. Преку изложбата Државниот архив на РМ сака да го презентира новото во неговото работење, а освен традиционалните ќе формира и тематски дигитални фондови од македонските и странските архиви.
Атешето за култура во руска амбасада забележа дека низ уникатни фотографии и содржини е отсликан животот на руските мигранти во Македонија, нивниот придонес на развојот на науката, медицината, архитектурата, уметноста и влегувањето во својата втора татковина.
– Формирањето на руската колонија на македонската земја во периодот меѓу двете светски војни стана важна етапа во создавањето на руска дијаспора на ова тло. Дијаспора која и денеска игра позитивна улога во рамките на нашите меѓусебни односи меѓу Русија и Македонија, рече Крапива.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот утре во спомен собата на Незлобински ќе биде претставена изложбата „Во допир со минатото“, а в четврток јавноста ќе може да погледне „Фотографии од збирката стаклени негативи на д -р Никола Незлобински“ кога ќе биде промовирана и фотомонографија од оваа збирка во Спомен домот на Браќата Миладиновци.