Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска го прими новоименуваниот шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, полковникот Зоран Јанковиќ.
На средбата, соопшти МНР, Димитров упатил задоволство од конструктивната улога и поддршката на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, која преку својата советодавна улога значително учествува во подготовките на земјата за членство во НАТО.
Во оваа пригода заеднички била констатирана успешната соработка, подвлекувајќи ја важноста за зајакната комуникација во периодот што претстои, кој е особено важен за Република Македонија, кога се очекува успешно заокружување на пристапниот процес и членство на земјата во Алијансата.
Министерот Димитров информирал за преземените чекори и активности од пристапниот процес, потенцирајќи го едновремено очекувањето наскоро Република Македонија да стане полноправна 30-та земја членка на Алијансата. Тој исто така ја реафирмирал посветеноста на Република Македонија да продолжи со имплементација на позитивната динамика како наш придонес кон регионалниот и глобалниот мир, безбедност и стабилност.