Шекеринска: За нашето идно членство во НАТО голема е заслугата на учесниците во мировните мисии

Кога во првата половина на следната година Македонија дефакто ќе почне да функционира како земја-членка на НАТО, најголемата заслуга ќе ја имате токму вие учесниците во мировните мисии на НАТО, им порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на припадниците на АРМ, кои се стационирани во Централната команда во Кабул, во рамки на мисијата на Алијансата „Одлучна поддршка“.

Министерката Шекеринска, како што јави известувачот на МИА од Кабул, во базата на Централната команда на мисијата беше пречекана од 27-мината учесници, тројца штабни офицери и 24 припадници на Единицата за заштита на силите. Носечка нација тука се САД, под команда на првиот воен човек на мисијата американскиот генерал Остин Скот Милер. Тие се дел од македонскиот контингент во „Одлучна поддршка“, кој има вкупно 49 припадници.

Министер за одбрана го нема посетено македонскиот контингент од 2013 година, а Шекеринска во разговорот со припадниците на  АРМ, кои служат во Централната команда нагласи дека оваа посета има за цел да се докаже дека државата мошне го цени тоа што тие го прават и оти е горда кога за нив ќе бидат слушнати највисоките пофалби од првите луѓе на различни контингенти.

-Доаѓате во мисија, која  е ризична, опасна напорна, која влијае врз вас и здравствено и психички и физички, но ова е некаква сатисфакција за вас и шанса понатаму да се развива вашата кариера на подобар начин, им порача Шекеринска.

Изрази задоволство што се поголем број припадници на АРМ имаат шанса да се приклучат кон оваа мисија. – Оваа година сте тука затоа што го зголемивме бројот за 20 отсто, додаде таа и најави дека следната година во делот од буџетот се предвидено плус дополнителни 25 проценти зголемување на учеството.

– Оваа година работевме на поканата на НАТО, ги водиме разговорите со НАТО, знаевме дека на многу места имавме плус со минус, ама на една од позиците навистина имаме чиста петка. Тоа се нашите луѓе во мисиите во НАТО, особено во Авганистан, каде сме од самот почеток. Кога некаде во првата половина од следната година ќе почнеме дефакто да функционираме како земја членка тоа најмногу ќе биде ваша заслуга, нагласи министерката.

Таа за време на посетата на Централната команда се сртена со генералот Милер, а предвидена е средба и со високиот цивилен претставник на Алијансата за Авганистан, Корнелуис Зимерман.

Министерката Шекеринска во Кабул пристигна изутрината, а беше пречекана на аеродромот „Хамид Карзаи“ од командатот на македонскиот контингент, полковник Кенан Рахиќ и македонските припадници во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (КОСА-ГГ), која дејствува во рамки на аеродромот.

Шекеринска беше пречекана од 12-мината офицери и еден подофицер од кои четири припаднички на АРМ во КОСА-ГГ, како и деветмината припадници на контингент од КОСА- Север, кои од Мазар-е-Шариф дојдоа тука за пречекот на министерката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *