Министерката Шекеринска во посета на македонскиот контингент во Авганистан

Македонската вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска пристигна во Кабул во посета на македонскиот контингент, кој учествува во НАТО мировната мисија „Одлучна поддршка“.

Министерката беше пречекана на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул од командатот на македонскиот контингент, полковник Кенан Рахиќ.

Македонскиот контингент, како што јави известувачот на МИА од Кабул, има 49 припадници, а Шекеринска беше пречекана од 12-мината офицери и еден подофицер од кои четири припаднички на АРМ во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (КОСА-ГГ), која дејствува во рамки на аеродромот, како и од деветмината припадници на контингент од КОСА- Север, кои од Мазар-е-Шариф дојдоа тука за пречекот на министерката.

-Навистина ми е чест и задоволство што денеска сум тука да бидам заедно со македонските војници во Авганистан и да им покажам колку Македонија им должи и колку ја почитува жртвата и трудот, што ги вложуваат, рече министерката.

Таа во кусата изјава на почетокот на посетата истакна дека со доаѓањето тука во Кабул на македонската делегација всушност се испраќа пораката дека стратешката цел – членството на Македонија во НАТО не обединува.

-Тука сме да дадеме поддршка за луѓето кои ги ставаат во ризик своите животи во име на Македонија и за Македонија и затоа денеска ќе ни биде задоволство да го поминеме овој ден со нашите војници, припадници на АРМ и да се заблагодариме на нивната служба во име на татковината, за татковината  и за нејзините стратешки цели, нагласи Шекеринска.

Таа истакна дека македонските припадници се на крајот на својата мисија.  -Шест месеци ги минуваат во Авганистан носејќи го македонското знаме и претставувајќи ја својата земја во извонредно, тешки, опасни и ризични услови, истакна министерката за одбрана.

Шекеринска во КОСА-ГГ се сретна со нејзиниот командант турскиот бригаден генерал Јашар Дилбер, со командантот на аеродромот, бригадниот генерал Хусеин Канбур, а предвидено е да ја посети и Централната команда на „Одлучна поддршка“, каде има 27 припадници на АРМ, тројца на штабни должности и 24 во рамки на единицата за заштита на силите.

Министерката во Централната команда на Одлучна поддршка ќе има средби со командатот на НАТО мисијата, американскиот генерал Остин Милер и со високиот цивилен претставник на Алијансата, Корнелуис Зимерман.

Во македонската делегација се и пратениците Фросина Ташевска Ременски, Трајчо Димков и Реџаиљ Исмаили.

Македонија во НАТО Мисијата „Одлучна поддршка“ се приклучи од самиот нејзин почеток, 1 јануари 2015 година. „Одлучна поддршка“ е неборбена НАТО мисија посветена на обука, советување и помош на авганистанските национални сили за одбрана и безбедност. Таа беше лансирана по завршувањето на претходната НАТО Мисија во Авганистан, ИСАФ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *