Посебно одделение да ги суди предметите на СЈО, предлага Советот за следење на реформите во правосудството

Неопходно е формирање посебно одделение кое ќе ги суди предметите што сега ги застапува Специјалното јавно обвинителство, оцени владиниот Совет за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор.

Советот синоќа одржа седница на чиј дневен ред беа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судски совет и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка.

Дебатата ја отвори и со неа претседаваше министерката за правда Рената Десковска. Таа ги елаборираше предложените измени на законите, со посебен осврт на Законот за судови.

Како што соопшти владината прес-служба, адвокатот Александар Тумановски го отвори прашањето за измена на членот 46 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, за кој Адвокатската комора на РМ вчера достави допис до Владата, до Министерството за правда и до Советот со кој се предлага и адвокатите, како дел од правосудниот систем, да можат да бидат предложени во постапките за избор на судии.

Претседателот на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, судијата Илир Сулејмани, побара јасно разграничување на термините „нестручно и несовесно постапување на судија“ во текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови. Се осврна и на недостигот на судии во Основниот суд Скопје 2, како и на видот и начинот на санкционирање на судиите.

Членовите на Советот своите дискусии, главно, ги насочија на работата на скопскиот Кривичен суд, како најголем и како суд со посебни овластувања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *