Јанева: СЈО побара притвор за Груевски уште во 2016 година, до четвртокот немаше причина повторно да побараме

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побара притвор за Никола Груевски уште во февруари 2016 година кога некои други не можеа ни име да му споменат, а до минатиот четврток воопшто не одаваше некои настапи дека нема да се јави на суд за да најдеме причина плус зошто повторно би побарале да биде ставен во притвор, порача вечерва специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Обвинетиот Груевски против кого се водат четири постапки до минатиот четврток, кога беше присутен во државата, воопшто не одаваше некои настапи дека  нема да се јави на суд за да најдеме причина плус зошто повторно би побарале да биде ставен во притвор. Се однесуваше како слободен граѓанин, си одеше на работа како пратеник во Собранието, се јавуваше на сите покани на рочиштата закажани по разни предмети каде што беше суден, така што ние сметавме дека нема потреба во овој момент да побараме построга мерка на обезбедување. Во иднина сметавме дека со новите истраги кои ќе ги отвораме против сега осудениот, обвинетиот и осомничен дека ќе побараме повторно Судот да ја преиспита одлуката во однос на неговото присуство, рече Јанева во вечерашното издание на  емисијата „Правда неправда“ на 1ТВ.

Таа нагласи дека првпат СЈО побарало притвор за поранешниот премиер на 12 февруари 2016 година, а потоа и на 30 јули 2017 година.

-Согласно дотогашната и сегашната пракса на Судот за висококоруптивни случаи, СЈО побара притвор за Груевски уште на 12 февруари 2016 година кога ја отвори првата истрага „Титаник“ за изборните нерегуларности. Од страна  Основниот суд Скопје 1 беше одбиено нашето барање, ние поднесовме жалба која  исто така беше одбиена, а немаше ни определено заштитни мерки. Потоа со подигањето на обвиненијата меѓу кои и за Никола Груевски за „Титаник“ на 30 јули 2017 година повторно побарвме притвор и за него од страна на Кривичниот совет беа определени мерки за претпазливост, односно јавување на обвинетиот еднаш неделно во Судот во Скопје и одземање на пасошот, појасни Јанева.

Посочи дека институциите не треба да си ја префрлаат вината едни на други за бегството на Груевски од државата и додаде дека се искористени сите моменти и предлози пред Судот за тој да биде во притвор. Нагласи дека по бегството ќе побараат раздвојување за сите други постапки кои се водат против него и додаде дека ќе го судат во отстуство.

-Се надевам дека брзо по дипломатски пат Груевски ќе биде вратен назад.  Вечерва е издадена меѓународна потерница и очекувам да биде екстрадиран во најбрз можен рок, потенцира Јанева.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *