Жбогар: Направен е напредок, сакаме да видиме повеќе реформи во судството

Договорите со Грција и со Бугарија се голем напредок, но очекуваме такви чекори и со другите реформи, особено во судството, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Жбогар  оцени дека има одредени поместувања во состојбата на службите за разузнавање, особено со ставање во употреба на агенцијата за следење на комуникациите, како и по најавите за реформи во самата УБК.

Како област во кои треба се фокусираат реформите го посочи судството. – Јас би се навратил кај судството, каде навистина сакаме да видиме повеќе. И во јуни земјите членки побараа продлабочување на реформите, па тука сакаме да видиме повеќе. Има работи кои се имплементирани, има некои што треба да се завршат, така што може да се каже дека има уште простор за подобрување. Во врска со јавната администрација гледаме дека во последно време работите се под контрола. Од секогаш советувавме да не се прават кадровски промени ако не се потребни, се мисли на вработувања заради политички придобивки, туку на позициите да се постават квалификувани лица, изјави Жбогар.

Во врска со предлозите на власта за помирување и на опозицијата за амнестија за настаните во Собранието од 27 април лани, Жбогар смета дека Парламентот треба да најде начин да не се загрози владеењето на правото при евентуално донесување одлука за некаков вид амнестија на дел од инволвираните во настаните.

Жбогар рече дека стои зад Извештајот од заклучоците од јунскиот совет за општи работи на ЕУ, каде е наведено дека од Македонија се очекува воспоставување на правна одговорност за случувањата во парламентот на 27 април, но оти ќе ја следи дебатата на Комисијата за помирување.

– Ние стоиме зад тоа што е напишано во Извештајот. Бараме одговорност, особено од организаторите и од оние што извршиле насилни дејства на 27 април, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.