Манчевски: Најефикасен механизам против лажните вести е вистината

Добрите и навремени информации се од најголемо значење во секоја модерна демократија, а лажните вести ги поткопуваат демократските процеси. Вистината е главното оружје против лажните вести, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во Софија каде учествува на меѓународната конференција „Лажни вести или вистински тролови“.

На панел дискусијата посветена на лажните вести во рамки на предизборната кампања, Манчевски се осврна на изборните кампањи кои во изминатите години се водеа во Македонија, како и на референдумската кампања и ги претстави ризиците со кои се соочуваме со секојдневната продукција на лажни вести, особено од интернет порталите и социјалните мрежи.

– Бевме сведоци на дневно и активно лиферување на лажни информации преку социјалните мрежи од анонимни профили, кои имаа за цел да влијаат на излезноста на гласачите за време на референдумот. Движењето „Бојкотирам“ преку десетина високо активни профили за кратко време успеа да ја преплави социјалната мрежа „Твитер“ со голем број на пораки, меѓу кои имаше и таргетирани лажни информации. Голем број од профилите кои се прокламираат како поддржувачи на „Бојкотирам“ имаа ботовска-автоматска активност, односно се верува дека зад нив не стојат вистински луѓе, туку компјутерски програми. Повеќето од овие активни профили споделуваа про-руски веб-страници како поддршка за нивната кауза. Најјасната употреба на лажни вести во овој период беше сликата која се сподели на „Твитер“ со наводната оставка на МНР Димитров, која за кратко време беше објавена од една угледна ТВ куќа во Македонија. Истите овие профили на неколку наврати споделуваа и слики од луѓе кои гласале на референдумот заедно со говор на омраза и закани за гласачите, посочи Манчевски.

Според него, лажните вести секогаш ја пренесуваат пораката на национализам, поделба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички проблеми ….

Во обраќањето во Софија, како што пренесе македонското Министерство за информатичко општество и администрација, Манчевски се осврнал и на мерките што Владата ги превзема во борбата со лажните вести.