Претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол денеска по конгресот на Европската народна партија во Хелсинки, ги поканил на средба поранешниот заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров и поранешната членка на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Емилија Александрова.
Дол на својот профил на Фејсбук објави и фотографија од средбата и напиша дека ги поканил за да „дискутираат за загрижувачката ситуација” во партија која е нивна членка по, како што пишува, санкциите преземени кон оние кои гласаа за почнување на процедурата за уставните амандмани неопходни за да се спроведе договорот од Преспа за промена на името.
-Сите закани мора веднаш да престанат, напиша Дол. Во објавата на ФБ профилот, тој пишува и дека верува оти договорот претставува важен чекор кон остварување на евроатлантските аспирации на македонските граѓани.
Дол посочува и дека уште поважно било, а и тој отсекогаш, како што додава бил јасен, дека Европската народна партија ги охрабрува партиите членки кога се во опозиција да продолжат да играат конструктивна улога во Парламентот и да ги одбранат нивните вредности, а да ја држат Владата одговорна за своите политики.
– Сите членки на Европската народна партија мора целосно да спроведат внатрепартиска демократија, да го почитуваат правото на сопствено мислење и да ги бранат нашите вредности и принципи, вклучително и силна проевропска посветеност, напиша Дол.