Во организација на македонскиот културен Центар „Сонце”, во албанскиот град Корча, се одржа вториот македонски Фолклорен фестивал “Сонце 2017”.
На оваа пригодна манифестација на која се пееја и играа македонските песни и ора настапија фолклорната група од училиштето „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски” од Пустец и Владмир Насто млад и надежен пејач од Шулин, Мала Преспа.
Од Република Македонија настапи фолклорниот ансамбал „Мислешево” од Струга, како и познатите пејачи на македонската народна песна, Круме Спасовски, Атина Апостолова и Вики Среброва.
– Целта на фестивалот е да ги истакне вредностите на македонската традиција и култура, да се чуе македонската песна и оро и да се види прекрасната македонска народна носија. Ќе продолжиме со оваа манфестација, која веќе станува традицонална, а до година ќе настојуваме да учествуваат и македонски фолклорни групи од соседните земји, изјави Васил Стерјовски во име на организаторот.
Тој посочи дека двочасовниот настан ќе биди емитуван во целост на ТВ Корча и на вториот канал на Државната албанска телевизија, кој од 25 септември годинава почна со емитување емисии на јазиците на малцинствата, вклучувајќи и емисии на македонски јазик.