Во делчевско Стамер се гради првата црква

Во делчевското село Стамер жителите ја градат првата црква посветена на светиот пророк Еремија. Организирани сами и со поддршка на донатори, успеаја да го издигнат храмот за неполни две години како резултат на големото залагање на мештаните и донациите од фирмите во Делчево, рече Зоран Димитровски.
Според него, проектот е од владиката Иларион и одговара на бројот на населението. Така се прави и квадратурата.
– Иако идејата за изградба на првата црква во Стамер е моја и на неа со поддршка на жителите на Стамер работевме подолго време, сепак, успеавме да ги обезбедиме материјалите како донација од разни физички и правни лица, а местото со површина од 510 метри квадратни е донација од нашиот сограѓанин Игнат Николовски, рече Димитровски.
Се планира и средување на дворот каде веќе се гради летниковец, а ќе се уредува и хортикултурно.
– Досега во изградбата на црквата се инвестирани 12.000 евра. Но, според пресметките, потребни се уште околу 6.000 за фрескоживописот. Веќе имаме разговарано за цртање на црквата. Апелирам до сите верници, сограѓани и пошироко, да помогнат, а кој ќе донира, во знак на благодарснот ќе му биде исцртана негова слика во црквата, рече Димитровски.
Значењето на црквата е големо за жителите од селото кое некогаш било турско, а од 60-тите години на минатиот век, овде се населуваат христијаните. Жителите очекуваат градежните работи и хортикултурното уредување да бидат готови до идната пролет, а првата богослужба да се одржи на празникот на светиот пророк Еремија, на 14 мај.