Компаниите преку СКМ апелираат: Да не се избрзува со даночната и пензиско-социјалната реформа

Да не се избрзува со усвојување на најавената даночна и пензиско-социјална реформа, апелира денеска Стопанската комора на Македонија, коментирајќи ја завчерашната одлука на Владата.

Според Комората, треба да се има предвид дека остануваат помалку од 60 дена до новата фискална година во која ќе почне примената на предложените мерки, а голем дел од деловните субјекти веќе ги имаат усвоено и утврдено финансиските планови за 2019-та.

-За најновите владини мерки што беа соопштени во саботата потребни се длабински анализи и широка консултација со сите засегнати страни. Освен даночната стапка која веќе беше презентирана, за целосно согледување на ефектите од овие нови решенија ќе треба детално да се анализираат и прашањата за даночната основа, субјектите, даночните повластувања, но и како ќе се спроведува контролата врз овој предложен даночен режим, имајќи предвид дека станува збор за целосно нов систем на даночно уредување на личните доходи поради што сметаме дека е потребно подолго време, истакна Татјана Штерјова од Стопанската комора.

Одговорајќи на новинарски прашања, Штерјова најави дека утре Управниот одбор на Комората ќе одржи вонредна седница за да ги разгледа предложените владини решенија и да утврди што точно предвидуваат, но и како ќе се одразат врз деловните субјекти.

– Ова би се однесувало не само на прашањето какви ефекти ќе имаат предложените мерки врз приходната страна на Буџетот, туку и какви ќе бидат ефектите врз работењето на деловните субјекти и нивната продуктивност и конкурентност, но и недостигот на висококвалификувана работна сила. Прописите за проценка на влијанието на регулативата предвидуваат точни рокови и дејства кои треба да бидат преземени со консултации со сите засегнати страни. Во конректниот случај, известувањето за почеток на подготовка на посочените законски прописи и нацрт-текстот на новиот закон за личен доход беа објавени истиот ден како веќе готово законско решение, потенцира Штерјова.

Потсети и дека во септември годинава Комората поднесе барања предложените мерки за прогресивно оданочување да бидат одложени за пет години, по процес на широки консултации со цел воочување на ефектите од измените.