Мицкоски: Очекувам жестока дебата за уставните измени, процесот е долг

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека партијата утре на средба со пратениците од нивната пратеничка група и Коалицијата за подобра Македонија ќе заземе конечна позиција како ќе делуваат од среда кога е закажана седницата на Комисијата за уставни прашања и најави жестока дебата по поднесените нацрт-амандмани за уставните измени на комисиската, а потоа и на пленарната седница.

– Очекувам една жестока критика на сето она што ќе биде предложено од владејачкото мнозинство и Владата во рамки на комисиската расправа, а потоа и во рамки на собраниската расправа од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, сето она што претходно го излажаа за владејачкото мнозинство да биде демаскирано пред јавноста, кое едно зборуваа претходно, а друго имплементираат на дело,  рече Мицкоски во интервју за Сител телевизија.

Според него, одлуките кои стигнуваат во Собрание ги добиваат неочекувано, а како пример го посочи вметнувањето на Охридскиот договор во амандманите за што претходно не ни било во предвид да се дискутира. Тоа, вели, е несериозно однесување од страна на Владата која носи стихијни одлуки, а што, додава, повлекува и промена и прилагодување на стратегијата за тоа како треба да се делува.

За изјавата на потпретседателот на партијата Александар Николоски дека е доцна за подобар договор со Грција, Мицкоски вели дека станува збор за хипотетичко прашање и оти процесот се уште не е завршен.

-Она што беше суштинско во изјавата на Николовски се однесуваше на еден минат период и што би било доколку овој процес би го доживеал својот крај и доколку се усвојат тие уставни измени. Се разбира, процесот е долг, месеците се пред нас, стратегијата ќе ја нивелираме во зависност од потребите на јавноста, но и во зависност од фактите што ние ќе ги презентираме, вели Мицкоски повторувајќи ги најавите за жестока комисисика и парламентарна дебата.

Тој смета дека во минатото можел да се постигне подобар договор, но вели, факт е и дека во моментот има нова реалност во Собранието, односно 80 пратеници кои гласаа за потребата за отпочнување на уставни измени, но додава, процесот допрва продолжува.

Посочи и дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за избори што, е вели, нормално за опозиција да се подготвува за избори и да посакува предвремени парламентарни избори.

– Очекувам во периодот што следува да се случат тие предвремени парламентарни избори и затоа ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи на подготовката на програмските определби, вели Мицкоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *