Организации, здруженија и партии бараат да не се менува Уставот и да се распишат предвремени избори

Организации и здруженија од Македонија и дијаспората кои се против промена на името и Уставот на Република Македонија  во Скопје потпишаа меморандум за стратешка соработка.

Меморандумот, како што беше посочено, го потпишаа претставници од 84 организации, здруженија и политички партии од Македонија и од дијаспората каде живее македонската заедница како Европа, Канада и Австралија. Меѓу нив, се и Единствена Македонија, ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција, Христијанско братство, Фронт за демократска Македонија……

Тие бараат запирање на активностите за промена на Уставот, распуштање на македонското Собрание и распишување на предвремени парламентарни избори. Според нив, со промената на Уставот се обезличува државата и се брише се што е македонско.

– Ова не е битка за партии и за власт, ова е битка за опстанок на еден народ. Влогот е голем и затоа ние мораме да го заштитиме името, идентитетот и традицијата на македонскиот народ, рече Јанко Бачев од „Единствена Македонија“.

Според Филип Петровски од ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција, на денот на референдумот поголем дел од населението кажало „не“ на промените на името и Уставот на Република Македонија.

Најавија протести пред Собранието и други форми на дејствување, како и дека ќе одат пред домовите на пратениците кои се премислија и гласаа за потребата од уставни промени со цел да им врачат барање за да се предомислат.