По повод 30-годишниот јубилеј на Македонското литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, Канада, излезе од печат автобиогравското дело под наслов „My Broken Heart“ („Моето скршено срце“), 2018, 1-198 (на англиски јазик), од Вера – Верка Петровска, во издание на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје.
Ова најново дело на првата претседателка на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Вера Вржовска – Петроски беше промовирано во Катедралната македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто на 28 октомври 2018 година. Пред поголем број присутни, особено членови на Друштвото, книгата ја претстави Ели Танасковска, уредник во Македонската телевизија – Скопје.
Исто така, на присутните им се обратија членови на Друштвото „Браќа Миладиновци“, меѓу кои: претседателката на Друштвото Маја Доневска – Ивановска, потпретседателката Драгица Димовска, потоа поетесите Рада Видиновска, Блага Дафовска, свештеникот Илија Донев и други, а присутните ги забавуваше естрадниот уметник, Соња Лозановска. Присутните ги поздрави и д-р Јовица Палашевски, генерален конзун на Република Македонија во Торонто, Канада.
На промоцијата на делото „My Broken Heart“ („Моето скршено срце“) од Вера – Верка Петровска, беше речено дека тоа како автобиогравско дело има големо значење за семејството на авторката, чиј корени се протегаат до Брајчино, во Преспа, а во исто време претставува значаен прилог и придонес во иселеничките литературни остварувања.
Инаку, македонските доселеници во Канада со гордост ја истакнуваат својата национална и културна македонска припадност. Уште поголема благодарност на мултикултурната политика, тие со голем ентузијазам и полет ги негуваат своите народни традиции; го презентираат својот богат фолклор, потоа на јавни места ги пеат своите народни песни; ги играат убавите македонски ора и со своите поетки дела се чувари на македонски јазик и култура..
Всушност, Македонците во Торонто своите поетски остварувања ги изразуваат преку својот дела на англиски и на македонски јазик. Меѓутоа, преку мајчиниот македонски јазик, донесен од родната земја Македонија го афирмираат македонското име, културно-историското минато и сегашноста на етничка Македонија, а во исто време се дел на мултикултурното општество на Канада.
Треба да се нагласи дека поетите Канаѓани од македонско потекло, меѓу кои и Вера Верка Вржовска – Петровска се блиски со Македонија, а истовремено претставуваат и дел од секојдневието и од вистината на демократска Канада. Затоа, нивните поетски остварувања се тесно поврзани со родниот крај, а имаат силни носталгични изливи на љубов кон старата и новата татковина – Македонија и Канада.
Пишува: СЛАВЕ КАТИН