Формиран Совет за реформа на јавната администрација

Во Владата на РМ денеска се формираше Совет за реформа на јавната администрација, што ќе ја следи реализацијата на Стратегијата за реформи во јавната администрација, дел од Планот 3-6-9.

Целта на Стратегијата, како што се согласи Советот за реформа на јавната администрација е ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација, соопшти владината прес-служба.

Претседател на Советот ќе биде премиерот Зоран Заев, а членови се Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања, Хазби Лика, вицепремиер задолжен за рамковен договор и политички систем, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Драган Тевдовски, министер за финансии, Билен Саљији, министер за правда, Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, Роберт Поповски, министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Македонија, Спасе Глигоров, директор на Агенција за администрација, Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и Лила Пејчиновска Миладиновска, секретар на Секретаријатот за законодавство.

– Да поттикнеме мотивираност и посветеност, преку почитување на професионалноста и стручноста, преку напредување во кариера и награди, преку продуктивност и ефикасност на јавната администрација, со цел квалитетни услуги кон граѓаните на Македонија, порача премиерот Зоран Заев.

Манчевски рече дека Стратегијата за реформа на јавната администрација е достапна на веб страницата на Министерството, отворена за јавноста и дека во неа се внесени искажани сугестии и забелешки.

Тој додаде дека документот води кон ефикасна, професионална и посветена јавна администрација и ја објасни динамиката со којашто се очекува да биде усвоена оваа Стратегија, како дел од реформскиот План 3-6-9, се додава во соопштението на Владата.

На средбата е договорен начинот на работа на Советот што ќе ја следи реализацијата на оваа важна реформа, согласно насоките од ЕК.