ОТА од денеска со полн капацитет, ветуваат професионално работење

Оперативно техничката агенција од денеска и официјално почнува да работи со полн капацитет, инфомираа денеска на заедничка прес-конференција вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ОТА, Зоран Ангеловски.

Министерот Спасовски информира дека контролата врз работата на Агенцијата ќе биде повеќестепена преку собраниска комисија, граѓански организации и експерти.

Според првиот директор на ОТА, Ангеловски, моделот за функционирање е оптимално решение за Република Македонија и нема да дозволи да се повторат претходните афери со прислушувањето и тн. бомби.

Тврди дека ОТА е професионална агенција, целосно независно тело. Во моментот располага со технички кадар преземени од  МВР односно четири лица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Најави дека останатите вработени ќе бидат преку објавен конкурс.

Според него, согласно направената систематизација бројот на вработени треба да биде околу 25 лица.

Седиштето на ОТА  е во Телеком  поради технички причини – оптичкиот кабел, а ОТА законски ќе ја врши контролата и врз операторите.