Избрани добитниците на наградата „13 Ноември“

Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање и официјално ги објави добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2018 година.

– Од областа на образованието и воспитанието наградата „13 ноември“ ја понесе Аџи Фида, професор во пензија, за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието, додека од областа на спортот наградата ја доби пливачот Андреј Стојановски, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби, соопштија од Град Скопје.

Од областа на културата наградата ја добиваат музикологот Марко Коловски за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво и писателот и книжевен преведувач Ресул Шабани за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“.

Од областа на уметноста, наградата „13 ноември“ ја доби академскиот музичар Рамадан Шукри, за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието, додека од областа на публицистиката наградата ја понесе Сафет Тахири за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.

Од областа на архитектурата се одлучиле наградата да ја добие архитектката Даница Павловска – Циги, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот, а од областа на науката, судијката Маргарита Цаца Николовска, за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото.

Правни лица што ја добија наградата „13 ноември“ за 2018 година се ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ Скопје, за долгогодишна успешна работа и Противпожарната бригада на Град Скопје за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.

Ученикот Арда Мустафаоглу од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, ја доби наградата „13 ноември“ за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот, како и учениците Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран Лауренчиќ, за хуманост-укажување прва помош на лице во градски автобус.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *