АмЧам: Бизнисот континуирано да дава препораки за измените во законодавството

Деловниот сектор треба да има можност континуирано да дава препораки и коментари за предложени измени во законодавството и да разговара со креторите на политики за идеи кои би ја подобриле регулативата и би го зајакнале деловното опкружување, порача претседателот на Одборот на директори на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија) Славко Пројкоски на 18. Генерално собрание на Комората.

Пројкоски го отвори Генералното собрание на кое АмЧам избра пет нови членови на Одборот на директори: Маја Филипчева, Менаџер за даноци и аутсорсинг услуги, Грант Торнтон Македонија, Никола Љушев, Главен извршен директор, Македонски Телеком, Владимир Косијер, Генерален Директор, Пивара АД Скопје, Љупчо Георгиев, Генерален менаџер, Мајкрософт Македонија и Марјан Петрески, Заменик ректор за истражување, Универзитет Американ Колеџ Скопје.

-АмЧам континуирано работи на подобрување на локалната деловна средина преку организирање на настани за размена на знаења како и преку директен ангажман со креаторите на политиките во насока на идентификување на клучните економски и општествени предизвици и можни решенија. Прашањата како што се јакнење на транспарентноста и предвидливоста на политиките, и подобрување на квалитетот на образованието се дел од приоритетите на членовите на Одборот на директори на АмЧам, Извршната канцеларија и членовите на комитетите, изјави Пројкоски.

Официјално обраќање имаше и амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли кој укажа на важноста од учеството на бизнис заедницата во демократските случувања и промени во земјата, како и на можноста за напредок, проширување на пазарот, борба со корупцијата, зголемување на транспаретноста и предвидливоста на бизнис политиките како неколку од многуте придобивки од членството на земјата во НАТО.

На Собранието присуствуваа 120 претставници од компаниите членки на Комората. Работниот дел  го водеше Извршниот директор на АмЧам Македонија, Дијана Десподов, која го презентираше извештајот за реализираните активности и проекти во изминатите 12 месеци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *