Кирацовски: Македонија е пример за негување и почитување на различните етникуми, култури и религии

Иницирање дискусија за моменталните предизвици во меѓуетничките односи во земјата, нагласување на политичката и институционална посветеност во унапредување на меѓукултурниот и меѓуетничкиот дијалог имаше за цел Национална конференција насловена „Кон интегративен мултикултурализам“ што се одржа денеска во Скопје, во рамки на проектот “Различноста е во мода – Промоција на мултикултурализмот на локално ниво”.

– Република Македонија отсекогаш била позитивен пример како се негуваат и почитуваат различните етникуми, култури и религии. Денес, после одреден период сите сме особено горди на градењето на едно општество на еднакви граѓани – концепт што обезбедува иднина за сите во нашата држава, рече пратеникот Александар Кирацовски обраќајќи се на конференцијата.

Она што е особено важно, додаде тој, е што нашата држава е во еден интегративен процес и на културите и на религиити, етникумите се со цел да обезбедиме едно општество за сите кои храбро чекори кон ЕУ и НАТО.

Френк Јанмат, претставник на од Делегацијата на ЕУ во Македонија, вели дека Унијата преку овој проект го зајакнала меѓуетничкиот дијалог, и дирекно ја поддржала импементацијата на Рамковниот договор.

-Со овој проект постигнавме неколку цели, а една од нив е мултикултрната рамка за планирање која може да ја употребуваат локалните самоуправи, рече тој.

Јанмат смета дека меѓуетничките односи во Македонија се добри, иако како што вели секогаш може да бидат подобри.

– Јас сум бил во многу балкански земји, а во дел од нив и сум работел. Меѓуетничките односи овде се доста добри. Генерално задоволен сум со она што го гледам иако секогаш може да биде подобро, рече Јанмат.

На конференцијата излагања имаа и Алберт Муслиу, прв извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ, и Рубин Земон, посебен советник за развој на мултикултурализмот во Канцеларијата на Претседателот на Владата, како и градоначалниците на Тетово и Куманово, Теута Арифи и Максим Димитриевски.

Проектот е спроведуван од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) Гостивар, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Партнери на проектот се: Мултиетничката асоцијација „Флоренс Најтингл“ и Стопанската комора на северозападна Македонија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *