Отворени Саемот за градежништво, „Realexpo“ и „Технома“

Најновите трендови во градежништвото со посебен акцент на енергетската ефикасност ќе може да се видат од денеска до недела на 15. Меѓународен саем за градежништво и 8. Саем на недвижности и инвестиции „Realexpo“. Паралелно со овие две саемски манифестации се одржува и 44. издание на „Технома 2018“ на кое на едно место се собрани компании од металургијата, електрониката, енергетиката и неметалите.

Саемите официјално се отворени денеска, а од Скопски саем, организаторот на овие саемски манифестации, очекуваат и годинава компаниите да се претстават со богати понуди со попусти како и досега.

Од Владата најавуваат дека ќе продолжи поддршката за бизнис секторот, особено во делот на иновативноста и инвестициите во нови технологии и опрема.

– Иновативноста е еден од главните двигатели на економскиот развој. Како Влада ја поддржуваме бизнис климата и даваме поддршка на иновативноста и инвестициите за воведување на нови технологии и опрема. Саемот, на кој на едно место може да се видат повеќе сегменти како градежништвото, металургијата, енергетиката и електрониката, претставува добра можност компаниите да се презентираат пред пошироката публика и пред бизнис партнерите, истакна министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима на домашните претпријатија Зоран Шапуриќ на официјалното отворање на саемските манифестации.

Саемите се одржуваат на површина од 5.000 квадратни метри кај ВИП Арената „Борис Трајковски“, а на нив учествуваат околу 70 изложувачи од Македонија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција.

Организаторот најавува и дебати и презентации на теми еко-енергетика, технолошки иновации, иновации во градежништвото и вработување во сектори што допрва ќе се отвараат на македонскиот пазар на труд.

Како и секоја година, во програмскиот дел ќе биде вклучена и „Макинова“ на која ќе бидат презентирани последните достигнувања, пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, индустриски дизајн, трговски марки, младинско – истражувачко и кретаивно творештво.

Саемите ќе бидат отворени секој работен ден од 10 до 19 часот. Цената на билетите е 80 денари, а за групни посети 40 денари. Online билети може да се купат и преку преку мрежата на www.mktikets.мк и www.karti.com.mk.

Поради саемските манифестации воведени се и две автобуски линии со броеви 100 и 200 кои ќе сообраќаат од Ново Лисиче во општина Аеродром и од Дексион во општина Ѓорче Петров до ВИП Арената „Борис Трајковски“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *