Дводневна конференција во Охрид посветена на илјада годишнината од Цар Самуил

Четириесеттина византолози, медиевисти, историчари, археолози, историчари на уметноста, теолози, лингвисти, музиколози и класичари кои се занимаваат со проучување византиското културно наследство и средновековната историја ќе учествуваат на Првата национална конференција за византологија и медиевистика што наредните два дена ќе се одржува во Охрид.

Собирот организиран од Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија ќе биде посветен на илјадагодишнината од постоењето на царството на Самуил „ Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

Конференцијата ќе се одржува со поддршка на Меѓународната асоцијација за византологија (AIEB), а како почесни гости се поканети претседатели на Националните византолошки комитети од соседните земји.

Покровител на конференцијата е претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, а како ко-организатори се повеќе високо-образовни и научни институции меѓу кои Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Министерството за култура,  Филозофскиот факултет-Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.

Свеченото отварање на конференцијата е предвидено за утре во 11 часот во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.