Заев – Галовеј: Потврдена поддршката од Обединетото Кралство за Преспанскиот договор

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј на денешната средба со премиерот Зоран Заев, ја поздрави одлуката на Парламентот на Република Македонија во поддршка на Преспанскиот договор, оценувајќи го како значаен чекор напред во евро-атлантските интеграции на Република Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата на средбата констатирале дека двотретинското мнозинство во Собранието за Предлогот на пристапување кон уставните промени покажа дека е можно пратениците од власта и од опозицијата да работат заедно кога станува збор за клучните прашања за граѓаните и за државата, како што се интеграциите и реформите. Соговорниците изразиле поддршка за зајакнување на консензусот во Парламентот за прашања од државен интерес.

– Ќе продолжиме во позитивна атмосфера, низ конструктивност и инклузивност, со пратениците во Парламентот, да работиме на нацрт уставните амандмани. Забелешките на пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка на евро-атлантскиот интеграциски процес на Македонија, во врска со содржината на амандманите, се во духот на Договорот од Преспа. Исто така постои свест за значењето на помирувањето, кое што е неопходно, за да продолжат уште поактивно реформските процеси, важни за евро-атлантските интеграции, но и за економскиот развој на државата, рече премиерот Заев, се наведува во соопштението.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се додава, во врска со реформите соопштил дека фокусот е на втората фаза од судските реформи, на антикорупциските закони, на реформите на УБК, на јавната администрација.

Амбасадорката Галовеј соопшти дека Обединетото Кралство активно ја следи политичката ситуација во Македонија и дека дава принципиелна поддршка на помирувањето, кое што е важно за интеграциите на Македонија, а со тоа и за стабилноста на целиот регион, стои во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *