МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЧКИ МЕРИДИЈАНИ“ – АВСТРАЛИЈА
Ѓорѓи Нано дошол во Австралија една година пред Канбера да стане престолнина во Австралија, во 1927 година, кога и се доселила првата група Македонци од Леринско и од Костурско. Тој е е основоположник и донатор на МПЦ „Свети Пророк Илија“ во Квинбијан и има најмногу заслуги за купувањето на храмот во кој тој и неговото семејство посветиле многу време, труд и средства во текот на изминатиот период
Ѓорѓи Нано кој по потекло е од селото Трсје – Леринско беше еден од првите македонски доселеници во Австралија и жива легенда за активностите во македонската колонија. – Основоположник и донатор на црквата „Свети Илија“ и други добродетелства во новата земја.
При престојот во Австралија го посетивме Квинбијан, мало гратче сместено во непосредна близина на престолнината Канбера. Тоа е место во кое се изградени бројни мотели од кои десетина беа сопственост на Македонци, а коишто служеа за потребите на посетителите, дипломатите и државната администрација сместена во главниот град. На тие простори, една година пред Канбера да стане престолнина во Австралија, во 1927 година се доселила првата група Македонци од Леринско и од Костурско, особено од селата Трсје и Статица. Меѓу нив беше и тогаш 93-годишниот доблесен патриот и донатор, иселеникот Ѓорѓи Нано, кој поради своите патриотски активности, љубов, поврзаност кон црквата и вистината за Македонија, почесно ја доби титулата „војвода“.
Во Сојузната територија што се наоѓа во рамките на државата Нов Јужен Велс, во Квинбијан ја посетивме црквата „Свети пророк Илија“. Таа е една од првите македонски цркви во Австралија која е осветена уште во 1960 година и која е значаен црковен, национален, просветен и културен центар. При нашата посета во црквата го сретнавме Крсте Блажески, долгогодишен иселеник по потекло од рибарското село Пештани, што се наоѓа на брегот на Охридското Езеро. Тој беше љубезен и ни го покажа црковниот храм кој се реновираше.
На неколку стотини метри оддалеченост од црквата „Свети Илија“ се наоѓаше домот на чичко Ѓорѓи Нано. Тоа беше пријатно македонско катче кое во минатото го посетувале голем број намерници и гости, а потоа го заборавиле, дури и тогашните црковни великодостојници. Ние со задоволство и љубопитство го посетивме домот на овој благороден старец заедно со Кире Циревски и Тоде Кабровски и го најдовме овој честит Македонец со блага насмевка на лицето како седи во фотелјата и слуша музика од фолк-фестивалот „Канбера 91“, видеолента која, како што рече, го враќа во родната Македонија.
Селото Трсје
Останавме подолго време за да разговараме со чичко Ѓорѓи и, покрај неговата долга старост, разговаравме за многу работи од неговиот живот. Инаку, авторот на овие редови го познава овој иселеник од пред 20-тина година кога чичко Ѓорѓи Нано, по 43-годишен престој во Австралија, за првпат стапнал во Македонија и кога изразил желба да го посети неговото село Трсје, Леринско.
За жал, и покрај тоа што тој беше австралиски државјанин, на еден груб начин беше одбиен од грчките власти и вратен од границата назад по железничката пруга кон Битола. Сликата да биде уште потажна, при враќањето во едната рака го носеше куферот, а во другата бело марамче, бил вратен пред самата граница без да го види родното село кое го носел во своите мисли и без да ги посети гробовите на своите предци.
Чичко Ѓорѓи Нано е роден во 1809 година во селото Трсје, во Беломорска Македонија. Потекнува од македонско семејство, чиј татко бил комита во четата на Ѕале. Меѓутоа, поради економски причини, уште во 1926 година заминал на печалба во Австралија, каде заедно со својата сопруга Јана, која починала во 1984 година, бил еден од оние Македонци кои целиот свој живот го посветил на афирмацијата за вистината за Македонија. Така, при една пригода, тој ќе рече:
„Роден сум во турско, Турчин не станав, од мене сакаа да направат Грк, но и Грк не станав. Се родив и ќе умрам како Македонец“.
Ова се пренесувало меѓу неговото семејство: синовите Коста и Петре и ќерката Лена, како и меѓу многубројните внуци и правнуци кои живеат во непосредна близина на неговиот дом.
Инаку, Ѓорѓи Нано е основоположник и донатор на МПЦ „Свети Пророк Илија“ и има најмногу заслуги за купувањето на храмот во кој тој и неговото семејство посветиле многу време, труд и средства во текот на изминатиот период. Тоа е тажната сторија за војводата Ѓорѓи Нано, за еден од многумина македонски печалбари од Македонија кои го напуштиле својот роден крај и кои судбината ги однела по белиот свет, по парче печалбарски леб и по свое место под сонцето.
Градот Квинбијан (Queanbeyan) е регионален центар сместен на една висорамнина во југоисточен Нов Јужен Велс во непосредна близина на Канбера. Се наоѓа на само 15 километри (десетина милји) на запад и е составен дел од економијата на главниот град. Зборот Квинбијан е поангличанета форма од зборот на Абориџините што значи „чиста вода“. Градот е распространет на реката Молонгло (Molonglo), реон во кој Англичаните се доселиле и официјално го прогласиле за нивно населено место во 1838 година. На тие нови богати австралиски места, во 1851 година било пронајдено големо количество злато и сребро, што условило брзо населување на бројни трагачи по злато.
Се знае дека меѓу првите доселеници во Австралија биле и Македонци од егејскиот дел на Македонија кои пристигнале уште во 1926 година. Меѓутоа, активностите кај македонските доселеници на тие простори почнале дури по Втората светска војна во 1947 година кога е формиран разгранокот „Млад Гоче“ на „Македонско-австралискиот народен сојуз“ (МАНС). Меѓу првите активисти биле: Коста Пандов, Коте Димитров, Филип Руков, Ѓорѓи Дуров, Ѓорѓи Нано, Коце Кулеја и други. Оваа група иселеници, според пишувањето на весникот „Македонска искра“, во текот на 1948 година, на средбата на која учествувале и учесниците во Илинденското востание 1903 година, војводите Коста Панов и Васил Атанасов, двајцата од Леринско биле активни учесници во собирањето материјални средства за изградба на Болницата во Скопје.
„Св. Илија“ во Квинбијан“
Еден од најзначајните датуми за историјата на црквата „Свети Илија“ и за Македонците од Квинбијан и Канбера е, секако, 20 април 1969 година – осветувањето на храмот, ден што се претвори во големо славје и неизмерна радост. Црквата била осветена од надлежен архијереј, митрополитот Кирил, заедно со митрополитот Методи, свештениците Методи Гогов (подоцна архиепископ на МПЦ) и Методија Лазаревски а во присуство на бројни иселеници, посетители, тогашниот амбасадор на Југославија – Гојко Секуловски, претставници на градот на Католичката и Презвитеранската црква, високи претставници на Министерството за емиграција на Австралија и други лица.
Инаку, првата црковната зграда била изградена во 1972 година, и, како споменик на културата, била заштитена со австралиските закони. Во последните години црковниот храм е нов, преуреден, до него е изградена голема сала и други простории и претставува значаен македонско-црковен, културен и национален центар за Македонците кои живеат во Квинбијан и околните места.
Големи заслуги во историскиот развој на овој македонски духовен и национален дом има свештеникот Наум Деспотовски, кој го уредуваше и македонскиот радиочас. Исто така, придонесот е многу голем на долгогодишниот претседател и истакнат општественик и бизнисмен Симо Танески, потоа Трпе Нанов, Љубе Колевски, Јордан Галев, Илија Петроски, Славе Блажевски, Јордан Постоловски, Стево Ташковски и многу други истакнати иселеници од почнувањето до денес.
Македонците во престолнината на Австралија – Канбера, пак, дошле пред тој да стане главен град на петтиот континент.Инаку, Канбера, главниот град на Австралија е најголемиот административен и дипломатски центар и седиште на австралиската Сојузна влада и на Парламентот. Градот како населба е формиран во 1913 година на сојузна територија, која политички е издвоена од рамките на државата Нов Јужен Велс, а од 1927 година е престолнина на Австралија.
На таа сојузна територија од 2.432 квадратни километри се населиле околу триста и осумдесет илјади лица од сите националности, , етнички групи, од различни конфесии. Канбера е официјалната резиденција на претставникот на англиската кралица, на генералниот гувернер, Врховниот суд и на бројни владини одделенија и агенции.
Квинбијан
Се претпоставува дека во Канбера и во Квинбијан живеат околу пет илјади Македонци, меѓу кои покрај доселениците од Леринско и Костурско, има и од Охридско, особено од Дебарца, од Битолско, од Преспа и од други места на етничка Македонија. Затоа, како резултат на бројноста на македонските доселеници во Канбера се јави потреба да се гради и втора македонска православна црква во главниот град, по црквата „Свети Илија“ во Квинбијан. Така, во 1982 година се формира Одбор за изградба на македонската православна црковна општина што го доби името на македонскиот просветител „Свети Климент Охридски“ во Канбера. Иницијатори за таа идеја, покрај другите беа: истакнатите иселеници од македонско потекло: Симо Танески, Наум Деспотовски, Власе Николовски, Боб Спасеновски, Коста Мазенко и многу други.
Катедралната црква „Свети Климент Охридски“ од Канбера, по многу нешта е единствена и значаен сакрален објект на петтиот континент. Таа е сместена во средината на една височинка во квартот „Ред Хил“ (Црвен рид), односно ридот „Нарабанда“ наречен со домородниот речник на Абориџаните. Тој дел каде е изградена црквата „Свети Климент Охридски“ е едно од најелитните места.
Акцијата за изградба на новата македонска православна црква „Свети Климент Охридски“ наиде на големо разбирање и поддршка од македонските доселеници. Како резултат на тие активности, на 6 јуни 1983 година се удрени темелите на новиот храм, чие осветување го изврши надлежниот архијереј господин Тимотеј, во сослужение на свештениците, Ѓорѓи Кацарски, Ахил Теохарев и Наум Деспотовски, во присуство на иселеници, дипломати и гости.
Во историјата на оваа македонска православна црква, 18 декември 1989 година, ќе остане забележан со златни букви. Тогаш надлежниот архијереј митрополитот Тимотеј, го извршил свечениот чин, осветување на црквата „Свети Климент Охридски“. Со тоа се отворија портите на уште еден македонски храм на петтиот континент.
Црквата „Свети Климент Охридски“ во Канбера е убав пример на македонска архитектура, која со проектот, димензиите и несекојдневниот изглед на современ и репрезентативен објект, влезе во регистерот на значајни споменици на Канбера.