И најголемите противници на Договорот од Преспа во двете земји порано или подоцна ќе согледаат дека ова е единствениот пат за напред, порача денеска шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска најавите на грчкиот министер за одбрана и коалициски партнер на премиерот Алексис Ципрас, Панос Каменос, дека ќе излезе од Валдата кога Договорот ќе стигне во грчкиот Парламент, но и на изјавата на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас дека без ратификација на Договорот нема решение, нагласи дека постои една чудна симбиоза на противниците на овој Договор и во двете земји.
– Убеден сум дека со успехот на овој процес и најголемите противници, некои порано, некои подоцна, но не многу долго, ќе видат дека ова е единствениот пат напред. Регионот е потонат во историјата и произведува премалку иднина, нагласи Димитров на заедничката прес-конфренција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националониот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, на која тие информираа за почетокот на претпристапните разговори за влез во Алијансата.
Истакна дека и во Македонија и во Грција е создадено пријателство меѓу силите, кои сакаат овој проблем да се надмине.
Министерот за надворешни работи нагласи дека во овој момент процесот е кај нас и оти македонската страна треда да го реши својот дел од задачата.
– Сега е во рацете на пратеници. Да си ја завршиме нашата работа. Потоа процесот е во Атина и тие ќе имаат работа. Многу е важно да го завршиме нашиот дел со верба дека и тие ќе го завршат својот дел, бидејќи и тие ја потпишаа спогодбата, рече Димитров.
Осврнувајќи се на противниците на Договорот од двете страни, рече дека критиките ги пласираат врз основа на многу различни позиции
– За Каменос, за грчката опозиција и другите противници проблем е што во Договорот врз основа на правото на самоопределување е прифатен македонскиот јазик, македонскиот народ со сите идентитетски обележја, нашето културно наследство. Противниците на ова историско решение во двете земји имаат сосема различна перспектива. Ако ги споиме единствен логичен резултат е немање договор и враќање назад во караници, во идентитетски битки, нагласи шефот на дипломатијата.