Белопета: Современ џез и музичари кои доаѓаат специјално за фестивалот

Скопски џез-фестивал годинава е ориентиран кон современиот џез, а музичарите што ќе учествуваат  специјално ќе дојдат за фестивалот и нивните концерти, освен на Дејвид Мареј, не се дел од турнеи. Тоа се главните одлики по кои годинашниот, 37-ми фестивал, се разликува од минатите изданија.

– И џезот си има свои трансформации и во последните години тенденција во џезот е импровизацијата и креативната музика. Затоа и програмата е потешка и, главно, се потпира на импровизација – не во негативна смисла, туку тоа се послободни форми на џезот. А за таква широка понуда и програмска ориентација ги имаме клучните луѓе, рече директорот на СЏФ Оливер Белопета попладнево на прес-конференција, соопштувајќи детали за програмата која фестивалот веќе ја соопшти.

Фестивалот ќе почне в четврток во Македонската опера и балет со настап на најдобриот британски џез-пијанист денес – Александер Хокинс, кој ќе дојде од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. По него е славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со неговиот квартет кој заедно со раперот и поет Сол Вилијамс ќе претстават проект „Blues for Memo“.

Тројца познати гитаристи – „гитарски гуруа“, како што рече Белопета, ќе гостуваат на џез-фестивалот во Скопје – Бразилецот Арто Линдзи кому ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, кој и е познат на скопската публика, Трстон Мур – некогашниот фронтмен на „Соник јут“ (Sonic Youth), и Брендон Рос – предводник на култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ (Harriet Tubman) кои ќе настапат в петок.

Ексклузивен настан ќе биде и единствена европска аудиовизуелна изведба на проектот „Reflections and Meditations on Monk“ на трубачот Вадада Лео Смит, кој од Њујорк доаѓа, исто така, специјално за настапот в петок. Белопета рече дека и по 50 години кариера тој е се уште еден од најкреативните современи џез-музичари.

Со ексклузивни концерти ќе се претстават и данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ (Trondheim Voices) со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс и со чикашката легенда Хамид Дрејк. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио „Мопо“ (Mopo).

На последната фестивалска вечер (21 октомври)  Тони Китановски со концерт ќе одбележи 30 години музичка кариера. Во првиот дел од вечерта тој ќе настапи со својот најнов проект – квинтетот „Панда“, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare”, а во вториот дел ќе му се придружат неколку негови музички пријатели и соработници.

Цедето ќе биде промовирано вечер во „Менада“ од 20.30 часот. Утревечер од 19 часот во кафе „Винил“ пак, ќе биде доделена наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година, а добитник годинава е Филип Димишковски.  В четврток, кога почнува СЏФ, во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград ќе биде отворена изложбата „Духовите на Африка – ритуална западноафриканска уметност“.

Фестивалот од 18 до 21 октомври ќе има четири концерти од 20 часот  во Македонската опера и балет и три полноќни во Дансинг салата на Младинскиот културен центар.

– Ако некој праша зошто се одлучуваме за Македонската опера и балет, а не за Филхармонија, и покрај капацитетот што повеќе ни одговара, причината е една и единствена – многу лошата акустика во новата сала на Филхармонијата, рече Белопета.

Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и Град Скопје и е организиран со поддршка на спонзори. Авторка на плакатот за годинашното издание е Јана Мишева.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *