Маја Чанаќевиќ одликувана со „Витез од редот на уметностите и книжевностите“

На обоистката и поранешна директорка на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ денеска во резиденцијата на Франција во Скопје ќе и биде доделено одликување „Витез од редот на уметностите и книжевностите“, кое ќе ѝ го врачи амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

– Во текот на целата своја кариера како обоист и директор на Филхармонијата, госпоѓа Чанаќевиќ работеше на што подобро запознавање и поголемо присуство на француската музика во Македонија. Во периодот помеѓу 2002 и 2006 година, како музичар и член на Филхармонијата, таа почна и реализираше неколку проекти за француски вечери, во соработка со Францускиот институт во Скопје, наведува Амбасадата на Франција.

Како директор на Филхармонијата од 2006 до 2017 година Чанаќевиќ соработувала и поканила повеќе познати француски солисти, како Гзавие Филипс, Готје Каписон и Емануел Сесон.

– Низ своите иновативни програмски решенија, таа умееше да внесе помалку познати композитори и дела, со што на македонската публика ѝ овозможи подобро да се запознае со богатото и разновидно француско музичко творештво. Госпоѓа Маја Чанаќевиќ, како исклучителна личност и голем авторитет во областа на музиката во Македонија, преку своите програмски решенија, соработката со франуските солисти и нејзината приврзаност кон Франција, даде значајна поддршка кон приближувањето и ширењето на француската култура во Македонија, соопшти Амбасадата.

Одликувањето „Витез од редот на уметностите и книжевностите“ е востановено во 1957 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *