Манчевски ја отвори регионалната конференција за сајбер безбедност

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска се обрати на отворањето на регионалната конференција на тема „Сајбер безбедност: Соработка и размена на информации“, во организација на АЕК и Канцеларијата на ОБСЕ во Македонија.

Манчевски во своето обраќање се осврна на постигнатите резултати во изминатата година во контекст на сајбер безбедноста во Македонија, нагласувајќи дека е задоволен од постигнатото изминатава година, особено што успехот постигнат во оваа област беше нотиран и од Европската Комисија.

– Како што веќе беше објавено, тим составен од стручни лица од МИОА, Министерството за одбрана и Министерството за внaтрешни работи, ја изработија Националната стратегијата за сajбер безбедност 2018-2021. По завршувањето на овој процес, работната група се посвети активно на подготовка на Акцискиот план. Првата работна верзија од Акцискиот план веќе е објавена на веб страната на МИОА, информираше Манчевски.

Како што истакна тој, на работниот состанок во Подгорица, што се одржа вчера, повторно беше разговарано за можноста и спремноста на Македонија, да биде домаќин на првата регионална Академија за сајбер безбедност. Поддршката за оваа идеја Македонија има како и од земјите од регионот, така и од еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел.

– Сајбер безбедноста не е само ИТ-тема. Од тука, за гарантирање на безбедноста соработката е клучна. Во наредниот период особено внимание ќе  посветиме и на зајакнување  на соработката меѓу приватниот и јавниот сектор со подигнување на едно ново, партнерско ниво. Соработката со приватниот сектор ќе овозможи безбедна средина за размена на информации, истражување и развој. Обезбедувањето на безбедна инфраструктура за размена на информации ќе го стимулира претприемништвото, а со тоа ќе ја поддржи конкурентноста на сите домашни компании и ќе ги заштити нивните инвестиции, заклучи Манчевски.

На отворањето на конференцијата се обратија и заменик-амбасадорот на Кацеларијата на ОБСЕ во Македонија, Џеф Голдстеин и директорот на АЕК, Сашо Димитријоски.