Македонија и Германија имаат тесна и длабока соработка и одлични економски односи, а тоа е стабилна основа која ќе не држи и во иднина, беше оценето на денешниот Втор македонско-германски форум „Градиме мостови-политики и економија“ што се одржува во Скопје во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за општествени истражувања – МК 91.
Податоците покажуваат дека во Македонија работат околу 200 германски претпријатија кои вработуваат околу 20 илјади лица. Минатата година трговската размена меѓу двете земји достигнала 3,15 милијарди евра, а Германија е и еден од најзначајните трговски партнери на Македонија. Околу 20 проценти од вкупниот извоз на Македонија оди за Германија, а околу 15 проценти од вкупниот увоз е со германско потекло.
Пратеникот во германскиот Бундестаг Торстен Фрај, кој учествува на форумот, истакна дека е важно Македонија да оди на патот кон евроатланската интеграција и оти мора да се отворат перспективи за луѓето, особено за младите во Македонија кои треба да ја гледаат својата и иднината на своите деца во родната земја.
За да се постигне тоа, според Фрај, потребно е да се има правна држава, слобода на медиумите и слобода на изразување, силен образовен систем и стабилен економски развој.
Според Јоханес Раи од фондацијата „Конрад Аденауер“, за да се спречи одливот на мозоци од Македонија потребно е да има политички систем кој функционира и институции кои функционираат.
Македонија и Германија имаат 25-годишна билатерална соработка. Денешниот бизнис форум е посветен на билатералната соработка меѓу двете држави во областа на политиката и економијата. Целта е да се зајакнат билатералните политички односи и да се зголемат можностите за деловна соработка
This was both amusing and educational! For those interested, visit: EXPLORE NOW. Looking forward to the discussion!