Во Охрид дводневна конференција посветена на модернизацијата на македонската економија

Модернизацијата на структурата на македонската економија, мерките што треба да го поддржат тој процес и изградба на институционален капацитет за имплементација на промените се главните теми на дискусија во рамки на Научната конференција за идните предизвици на економскиот развој и економските политики што во организација на МАНУ од денеска се одржува во Охрид.

Претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека важноста на собирот произлегува од самата тема на дискусијата, оттаму што ја зафаќа проблематиката на суштината на перформансите, предностите, поволностите на македонската економија, во насока на определување политики и мерки што ќе водат кон поголем економски раст.

– Овој собир се случува во еден од најклучните моменти на одговорноста пред кој сме исправени сите. Од тие причини оваа научна конференција нека биде уште посилен поттик да ги впрегне сите научни потенцијали и политички сили конечно да и го овозможиме заслуженото место на Македонија како 30-та членка на НАТО, а потоа да работиме за зачленување на земјата во најсилната економска заедница  – ЕУ, истакна меѓу другото Заев.

Негова оценка е дека со поканата за членство во НАТО, со започнатиот процес на преговори со ЕУ и со применатата на новите економски политички перформанси на економијата започнале значително да се подобруваат и да покажуваат стабилизација и раст на економските параметри.

–  Новата индустриска политика, планот за економски раст ги даваат своите првични позитивни ефекти врз економијата. Првпат ги изедначивме условите за инвестирање на домашните и странските инвеститори и пуштивме во оптек околу 30 милиони евра како директна поддршка за стопанството и за процесот на индустријализација, рече премиерот.

За да продолжи позитивниот тренд на економските показатели, Заев ја нагласи неопходноста од обезбедување на евроатлантската перспектива на земјата, со стабилизација на политичките процеси во земјата.

–  Тоа е најсилната гаранција дека економскиот развој ќе продолжи со забрзано темпо. Факт е дека новите земји членки бележат голем економски раст и побрзо се приближуваат во стандардот со земјите членки, имаат подобрена деловна клима, поголем пораст на продуктивноста на трудот, забрзан напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, забрзан извор и подбрена институционална демократија, истакна премиерот нагалсувајќи ја потребата македонската економија во иднина да бележи стабилен и предвидлив раст, преку креирање долгорочна стратегија.

Заменик-премиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, во излагањето ја нагласи потребата од јака и брза, извозно ориентирана индустријализација на економијата.

– Во градежништвото е важно да се реализираат проекти корисни за граѓаните како фабрики, хали, станбен и деловен простор, а државата само инфраструктура што ќе ја подобрува логистиката за индустријата, никако трошење пари за непродуктивни работи како фасади, споменици, туку патишта, цевководи, далноводи, гасоводи, железница. Само така ќе се заживее градежништвото на реална основа, рече тој притоа изразувајќи уверување дека растот на БДП во вториот квартал од 2018 година дава надеж дека добри се насоките во стопанството.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески меѓу другото истакна дека таргет на институцијата што ја застапува ќе биде следење на трошењето буџетски средства за развој, дали тие ќе бидат насочени кон продуктивни инвестиции, кон инфрастуктура и средства што се даваат за преструктурање на база на анализа.

Претседателот на Стопанската комора упати порака до Владата да мора многу внимание да посвети на капиталните трошоци.

– И тие средства малку што ги имаме, тие 400 милиони да не ги користиш и да бараш некакви оправдувања, тоа е малку проблематично. Барем тоа што го имаме мора да биде искористено до максимум, рече тој.

Што се однесува на задолжувањата на државата, Азески смета дека тоа не е проблем доколку истите се правилно насочени.

– Ако имаме проблем со ликвидноста на државата кон приватниот сектор, или со кадар за компаниите, нека се задолжува државата. Пари ќе се најдат, меѓународните финансиски институции стојат на располагање, но само за продуктивно трошење. Задолжувањата мора да бидат кон продуктивни трошоци, што ќе ги оправдаат парите, ќе ги покријат каматите, а ќе донесат бенефит за граѓаните и за фирмите, рече Азески нагласувајќи ја потребата од апсолутна контрола на буџетските трошења со голема транспарентност на процесите.

Според претседателот на МАНУ Таки Фити, собирот е од особена важност оттаму што станува збор за прва конференција од таков вид организирана последните 20 години, со оглед што на едно место се собрани претставници на академската зедница, на креаторите на политиките – Владата и Народната банка на Македонија, како и Стопанската комора на Македонија.

Во обраќањето пред учесниците на конференцијата академик Фити посочи на мошне слабата развојна перформанса на македонската економија со просечна стапка на раст од 2,7 проценти, забележувајќи дека за удвојување на БДП ќе се потребни 27 години.

– Основно е да се работи за забрзување за тој раст. Постојат многу лимитичарки фактори, што го оневозможуваат побрзиот развој, тоа е лошата економска структура со традиционални сектори, градежништво, земјоделство, трговија. И класичните индустриски гранки тие треба да се модернизираат со тек на време, да се создаваат производи со повисок степен на финализација, а потоа да остваруваат повисока додадена вредност, рече тој.

За него индустриските политики се мошне значајни, програмата за поддршка на инвестициите е добра, но истата според Фити треба да се реализира без премногу мешање на политиката на Владата.

– Но, некои мерки мора да бидат поддржани од Владата, како да се оспособат малите и средни македонски фирми да бидат субконтрактори на странските компании, со искористување на се уште конкурентната цена на работната сила. Треба да се развиваат и форми на акционерски капитал, битна е и Македонската  банка за поддршка на развојот оттаму што овозможува пониски каматни стапки…За мене зголемување на капиталната основа на банката и за стотици милиони, не се залудно потрошени пари оти банката не ги дава кредитите, туку комерцијалните банки така што тоа исклучува политичко влијание и нерационално нивно трошење, рече меѓу другото Фити.

Инаку, сите дискусии и прилози во рамки на конференцијата по нејзиното завршување ќе бидат објавени во посебен Зборник, достапен до стручната и научната јавност, со конктретни мерки и сугестии што би биле употребливи и корисни за креаторите на економските политики во земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *