Почитувани,

Во врска со одлуката на Кривичниот Суд да ја промени првичната одлука за продолжување на притворот на Градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, на нови 30 дена, со куќен притвор, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса ја поздравува секоја одлука на правосудните органи која ќе ја олесни драматично влошената здравствена состојба на Едмонд Темелко. Сепак, не може да одмолчиме што Кривичниот Суд долг период остана глув на апелите да ја земе предвид актуелната состојба во која се наоѓа Едмонд Темелко. Правосудството во Татковината не може да делува под притисок туку единствено врз основа на процесното право.

Македонската Алијанса не бара ниту аболиција ниту амнестија, туку фер национален пристап кон Едмонд Темелко. Дали со преиначување на одлуката во куќен притвор тој ќе биде во можност во домашни услови да ја добие неопходната медицинска нега?

Не сме задоволни што Кривичниот Суд упорно одбива да го цени и другиот факт, освен неговото нарушено здравје, а тоа е дека единствениот Градоначалник-Македонец во Албанија веќе подолг период заради притворот не е во состојба да ги брани интересите на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму. Зарем овие околности не се доволни за Судот да му даде можност на Едмонд Темелко да се брани од слобода и како Држава да го зачуваме Македонското национално достоинство?

Не можеме да избегаме од перцепцијата дека сме заболени од синдром на самоуништување кога докажаниот борец за остварување на основните човекови права на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија единствениот Градоначалник – Македонец во Албанија, Едмонд Темелко, доживеа да биде третиран како терорист во својата Република Македонија, додека оние кои го уриваа Уставниот поредок во 2001 беа амнестирани и сега се на највисоки Државни функции. Пред неколку дена како бомба одекна веста дека Врховниот Суд ги укинал пресудите за масакрот на Смилковско езеро, за што веќе утре ќе се одлучува дали обвинетите ќе се бранат од слобода, а Едмонд Темелко со месеци скапува во притвор, како да е државен непријател број 1.

Македонската Алијанса смета дека Кривичниот Суд треба веднаш му овозможи на Едмонд Темелко да се брани од слобода.  Сметаме дека во конкретниот случај не е само прашање на владеење на правото туку и прашање на национална Македонска гордост како се однесуваме кон оние кои се борат за националната кауза.

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА 

Претседател,

 Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

SHARE