Османи: Постои сериозна можност во 2018 да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ

Секретаријатот за европски прашања (СЕП) ја подготвува својата администрација, заедно со Кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи, за предизвиците на Република Македонија на патот на европските интеграции во 2018 година со работилница „Предизвици 2018“, што денеска ја одржа во Струга.

– Следната 2018-та е историска година за евроинтеграциските процеси во Република Македонија, кога, како никогаш порано, ни се отвора прозорец на можности за да направиме сериозен исчекор и, конечно, да ги затвориме прашањата за ЕУ и НАТО, изјави Османи на отворањето на работилницата.

Тој додаде дека СЕП, неговиот Кабинет, но и целата структура на администрацијата е потребно да се подготви за предизвиците што  ги носи 2018 година, како година во која ќе се носат клучните одлуки од телата на Европската Унија во однос на европските интеграции на Република Македонија.

– Доколку успешно ги адресираме предвидените реформи, но и согласно успешноста во адресирањето на отворените политички прашања, постои сериозна можност уште во 2018 година да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската Унија, изјави Османи.

Според него, Секретаријатот за европски прашања, како најстручна и најподготвена административна структура, треба навремено да ги антиципира овие настани и соодветно да го подготви тимот, структурата и администрацијата за евентуалниот почеток на преговорите.

Работилницата „Предизвици 2018“ се изведува со директна поддршка од Германската агенција за меѓународна соработка – ГИЗ, т.е., од Отворениот регионален фонд за промоција на европската интеграција во Југоисточна Европа кои воедно се и целосни донатори на работилницата.

Секретаријатот за европски прашања е главно координативно тело на Владата на Република Македонија за надгледување и спроведување на обврските на земјата за приближување кон Европската Унија.