Џафери-Ручи: Македонија и Албанија да бидат дел од евроатлантските механизми

Албанија и Македонија треба да се приклучат на евроатлантските механизми, како интегрален дел од европската безбедност, оценија на денешната средба претседателите не македонското и албанското Собрание Талат Џафери и Грамоз Ручи.

На средбата што се одржа во рамки на тридневната посета на претседателот на македонскиот Парламент Талат Џафери во Албанија, се потврди поддршката на Албанија за евроатланската интеграција на Македонија. Се разговарало и за проширување на соработката меѓу двете земји, како и за реализација на многу заеднички проекти.

Еден од овие проекти е граничнииот премин Ќафасан да стане  заеднички царински и граничен премин за да им се помогне на граѓаните на двете земји.

За време на средбата беше поттикнато повторно отворање на ферибот линија Охрид – Свети Наум – Поградец, особено во летниот период, како и меѓусебно признавање стандарди, особено за земјоделски и сточарски производи.

– ќе настојувам да дадам максимален придонес за продлабочување на соработката меѓу двете земји во сите сфери, рече Џафери на заедничката прес-конференција по средбата.

Тој го истакна сегашното билатерално ниво и заедничките напори за членство во НАТО и ЕУ и даде подршка за усвојувањето на законот за малцинства од страна на албанскиот Парламент. Според Џафери, малцинствата ќе  бидат поврзувачи мост меѓу двете земји.

Неговиот колега Ручи ја поздрави иницијативата на македонското Собрание за законот за јазиците и рече дека очекува негово поскоро усвојување и спроведување во институциите.

Џафери во рамки на тридневната посета на Албанија денеска ќе се сретне и со претседателот на Република Албанија Илир Мета, како и со лидерот на опозицијата Лулзим Баша.

Во делегација на Собранието на Република Македонија се и пратениците Ејуп Алими, Бети Рабаџиевска-Наумовска и Реџеп Мемеди.

Утре, на последниот ден од посетата, предвидено е Џафери да го посети и Пустец, каде што ќе има средба со претставници на македонската заедница