Османи: Македонија многу брзо ќе ја престигне Црна Гора во преговорите

 Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бујар Османи, денешниот прв подготвителен скрининг, го нарече историски ден и порача дека Македонија, со оглед на нејзиното искуство, многу брзо може да ги престигне првенците кои веќе преговараат – Црна Гора и Србија.

– Оваа година Европската Комисија даде пресек на сѐ што е направено од потпишувањето на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација: Македонија е на прво место со Црна Гора во делот на преточување на европското законодавство. Ние не сме започнале преговори, а веќе сме на прво место, што значи дека кога ќе влеземе со првата меѓувладина конференција (старт на преговори со ЕУ, нз) и се почитува регата принципот (секој по своја заслуга, нз), без дополнителни условувања, што сметам дека ќе ги нема бидејќи ги затворивме политичките прашања, јас сметам дека многу брзо ќе бидеме првенец во процесот, оцени Османи.

За шефот на македонскиот преговарачки тим главниот предизвик за Македонија ќе биде имплементацијата на законските рамки, да се смени менталитетот и да се почитува духот на законите кои ќе се носат.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Османи очекува наесен 2019 Македонија да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, што форМално го означува почетокот на преговорите со ЕУ.

Дотогаш илјадниците македонски експерти и преговарачи кои цела година ќе патуваат на релација Скопје – Брисел ќе остварат 70 посети вкупно на Европската Комисија, за време на кои ќе бидат во улога на слушатели, како денеска.

– Денеска го слушаме акито (европското законодавство, нз), се враќаме дома правиме пресек до каде сме ние, го утврдуваме јазот кој треба да го пополниме и со тоа го предвидуваме акцискиот планот како да го пополниме јазот. Од тоа кајшто сме до каде треба да стигнеме, објаснува Османи.

Вицепремиерот за европски прашања утрово во своето обраќање побара и дополнителни европски средства за придружување на реформскиот процес на Македонија и бара од Европската Унија да се држи до принципот на „регата“, односно на оценување на секоја земја по сопствените заслуги.

– Регата принципот е најстимулативен, го дава најдобриот поттик за државите да работат напорно доколку гледаат дека од тоа имаат резултати, а не се врзуваат во пакети. Гледам дека и Албанија оди добро во тој процес, не гледам дека ќе се кочиме една со друга, туку напротив соработуваме, разменуваме искуства, рече Османи.

Запрашан за тоа дали доколку Албанија не беше во пакет со Македонија на јунскиот совет кога се доделија условените датуми за преговори за двете земји, Македонија ќе добиеше чист датум, Османи негодува. Тогаш, некои дипломати во Брисел посочуваа дека поради, меѓу другото, високиот број на баратели на азил од Албанија во земјите на ЕУ, Франција имала поголеми резерви кон Тирана отколку кон Скопје.

– Тоа се веќе хипотетички прашања, порача Османи.

Тој смета дека пораките за издвојување на земјите поради некакви причини може да имаат реперкусии ако не се само врз основа на критериуми, тку се политички ставови на одредени држави.

– Можат да дадат лоши пораки во регионот и светот кои земји се фаворизираат, кои не, сметам дека целиот регион треба да има перспектива подеднаква. Единствена оценка треба да биде исполнувањето на критериумите, а не политички ставови, изјави Османи.

Само според принципот на регата, Македонија може да го фати првото место во регионот, смета вицепремиерот.

– Важно е што Европската Комисија има дадено индикативна временска рамка, а тоа е 2025. Тоа е шифт во однесувањето на ЕК. По Романија и Бугарија, ЕК се повлече од давањето рокови. Прв пат по 10 години дава рокови. Ако се почитува регата принципот дека секоја земја ќе стаса до целта во зависност од брзината со која ќе оди, сметам дека имаме предност затоа што имаме долго искуство, има собрано искуство, рече Османи за МИА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *