Јавната пропаганда за референдумот што ќе се одржи во недела завршува вечерва на полноќ. Дотогаш треба да завршат сите активности на учесниците во кампањата.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе биде молк пред референдумот.
– Ве известуваме дека АВМУ испрати известување до сите радиодифузери, во кое им посочи дека едукативната и информативна медиумска кампања „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија не се смета за платена јавна пропаганда за Референдумот и од тие причини можат да ја емитуваат и во деновите на референдумот, се вели во одговорот на АВМУ на барањето на ДИК.
Според Роковникот на ДИК молкот пред референдумот започнува 48 часа пред одржувањето на референдумот.