ОК на ВМРО-ДПМНЕ бара ослободување на приведениот член на Табановце

Членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска се собраа пред Основниот суд Куманово и на прес-конференција побараа да се ослободи нивниот член кој беше приведен вчера на протестот на ВМРО-ДПМНЕ на ГП на автопатот Табановце Куманово.

Тие преку денешниот протест, велат го иразуваат својот револт од како што велат, полициска бруталност на вчерашниот протест. На прес конференцијата присуствуваше и генералниот секратар Христијан Мицковски.

– Апелираме и бараме од судот, веднаш да биде ослободено лицето кое е долгогодишен член, активист и виден граѓанин на Куманово. Уште еднаш потенцирам лицето е неправно задржано во полициската станица и нема никакви причини и аргументи од оние кои што се изнесуваат во јавноста, рече на прес-конференцијата Марио Цветковски, од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека му е определен притвор и неправно е задржан во полициската станица. Информираше дека протестот бил уредно најавен.

Инаку, денеска МВР информираше дека ќе поднесе кривична пријава против 42-годишниот Ф.Ф од Куманово поради синоќешниот инцидент на Табановце за време на собирот на ВМРО-ДПМНЕ. Против Ф.Ф. ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста. Кумановецот кој учествувал на протестот, според полицијата се приближил до кордонот и со рака го удрил полицискиот службеник во пределот на лицето, односно по левото око. Собирот се одржа вчера од 17 до 18 часот на граничниот премин Табановце во организација на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Во текот на собирот, околу 17.20 часот, додека полициски службеник од СВР Куманово си ги вршел службените задачи, во еден момент Ф.Ф. (42) од Куманово, кој учествувал во протестот, се приближил до кордонот и со рака го удрил полицискиот службеник“, соопштија од МВР.

Ф.Ф. бил приведен во СВР Куманово, а полицискиот службеник бил пренесен во Јавната здравствена установа – Куманово, каде што бил задржан на лекување. Вчера повредниот полицаец го посети министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, кои му посакаа побрзо закрепнување.

Вчера, пред Основниот суд членови на ВМРО ДПМНЕ чекаа да биде пуштен нивниот член и потпретседател на општинскиот комитет.

На прес-конференцијата пред кумановскиот суд присуствуваше и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски кој одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се одложи конгресот на 23 декември, рече дека партијата вчера се произнела, а најави дека и денеска ќе има партиско соопштение на таа тема.