Драги браќа и сестри Македонци,
Мои соборци и истомисленици,
Наша судбина како исконски народ е со генерации да се бориме да опстанеме. Секогаш низ историјата за нас постоеле предизвици. Вечно некој сака да не присвои, да не гази, да не омаловажува, да ни го оспорува јазикот, идентитетот, културата. Сме истрпеле страшни и грозоморни неправди. Не делеа, неправедно ни одземаа територии, ги угнетуваат нашите браќа и сестри од Егејска и Пиринска Македонија. Сакаат да ги побугарчат Македонците од Голо Брдо, Гора, Преспа и Пустец! Мора да си признаеме, дека речиси секогаш во ништењето на Македонскиот народ учествуваат и домашни предавници кои им служат на крвниците! Сега е прилика да се прашате зошто е тоа така? Зошто ние Македонците везден им пречиме? Зошто не треба повеќе да постоиме? Зошто едно мало парче земја нема право да се вика Македонија? Зошто друг треба да ни кажува какви Македонци сме ние? Зошто треба да станеме безимени и да прифатиме да ни се избрише историјата? Зошто мораме да ги предадеме нашите Македонци кои живеат надвор од границите на Републиката? Зошто само за нас не важат пресудите на Меѓународниот Суд во Хаг? Одговор е едноставен, СЕ ПЛАШАТ од нас! Бидејќи и покрај сите премрежја и трагедии што сме ги преживеале, ние сме тука! Издржавме и Турско, и Бугарско, и Српско, и опстојуваме! Никој не може да ни го одземе Македонското! Не ја даваме нашата гордост, светото Македонско име и идентитет!
Почитувани,
И денес на сцена се домашни предавници! Заблудени, уценети, заслепени од власт, моќ и фотељи, тргнаа против сопствениот Македонски народ! Потпишаа предавнички спогодби со Бугарија и Грција. Се фалат со поддршката на меѓународната заедница а не сфаќаат дека никој од Европските и Светски лидери не можат да бидат емотивни и рационални кога станува збор за туѓо име и туѓ идентитет! Нека ги прашаат дали би го смениле името на Државите од каде доаѓаат, па ќе слушнат што ќе им одговорат! Ние го почитуваме нивниот стратешки интерес ова билатерално прашање да се затвори. И точно, и ние многу сакаме во ЕУ и НАТО Алијансата, но не сме подготвени да ја платиме највисоката цена, да се обезличиме. Затоа, не дозволувајте немакедонската Влада повторно да ве излаже! Секогаш кога оваа политичка структура е на власт Македонскиот народ е на цедило! Новата генерација предавници и прават страшен зулум на Македонија. Не беше толку одамна кога Глигоров и Црвенковски ни го сменија Уставот, се откажаа од „сонцето од Кутлеш“ како Државно знаме, прифатија срамна и понижувачка референца ПЈРМ, која не лажеа дека ќе трае само неколку месеци а остана 23 години, потпишаа Времена Спогодба за која и тогаш тврдеа дека е гаранција на иднината на Македонија. И тогаш не лажеа дека се што прават е за ЕУ и НАТО! И што се случи – големо НИШТО! Грција не ја испочитува Времената спогодба, ни стави вето на НАТО Самитот во Букурешт и покрај притисокот на Претседателот на САД, Џорџ Буш. Токму затоа Грција е осудена од Хашкиот Суд, пресуда која исто така не ја почитува. Сега, Заев, Димитров и Шекеринска повторно не лажат дека нивното велепредавство експресно ќе ја внесе земјата во ЕУ и НАТО Алијансата!
Браќа и сестри,
Да останеме будни! Да не дозволуваме специјалната војна против нашата заедничка Татковина да им успее! Македонија ќе опстои! Во недела заедно, сплотени и обединети да го игнорираме референдумот! Бидете сигурни, не има многу, вистински патриоти, чесни Македонци кои си ја сакаме Македонија и ќе го исполниме аманетот на нашите претходници, херои, кои животот го положија за нашата Татковина! Ќе има предвремени избори на кои на предавниците ќе им испорачаме политичка казна! Ќе има нова Влада која ќе биде способна да преговара со ЕУ на рамноправна основа и ќе го заштити Македонскиот национален идентитет!
Ние сме спремни да влеземе во ЕУ и НАТО во секое време со уставното име Република Македонија.
БОГ ДА ЈА ЧУВА ТАТКОВИНАТА!
МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
Претседател,
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА