Почна бербата на јаболка во Преспа

Со симболично откинување на првото јаболко денеска, на верскиот празник Крстовден официјално почна годинашната берба на Преспанското јаболко.

Првите јаболка ги откинаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, евроамбасадорт Самуел Жбогар, амбасадорката на УНДП Луиза Винтон и градонашалникот на општина Ресен Живко Гошаревски.

Посакувајќи им успешна и бериќетна берба, со нови пазари и можности за сите што егзистираат од јаболката во општината, Гошаревски посочи дека во Преспа јаболкото е застапено на околу 4.000 хектари, а годинава се очекува рекордни околу 150.000 тони

– Со децении наназад Преспанци од овој ден се преселуваат во своите овоштарници за навреме да го приберат годишниот род на јаболка, кој според земјоделските стручњаци, есенва ќе биде со рекордна реколта. Се очекува да се наберат околу 150.000 тони од кои околу 60.000 тони ќе биде индустриско, истакна градоначалникот.

Капацитетите на општинскиот дистрибутивен центар, според него, ќе бидат максимално исполнети со одкупени 5.000 тони јаболка, но нагласи дека се потребни уште вакви капацитети за обезбедување пласман на јаболкото.

– Со влез во НАТО и ЕУ ќе се остварат ваквите цели и ќе се стабилизира цената на јаболкото, а нашето јаболко покрај на Рускиот и на пазарот на Блискиот исток ќе заврши и на европските пазари. ЕУ фондовите со нивната финансиска помош ќе придонесат за модернизација и осовременување на јаболковите насади, изградба на ладилници за складирање и калибраторски системи преку кои ќе се стандардизира пакувањето и ќе се постигне повисока цена за јаболкото, рече Гошаревски.

Ресорниот министер, потсетувајќи на мерките што Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги реализира за поддршка на овоштарството, нагласи дека ги анализираат состојбите со индустриското јаболко и вети дека нема да ги остават граѓаните сами.

– Поради штетите од невремето ќе има поголема количина на индустриско јаболко. Знаеме дека капацитетите за складирање 20.000 тони индустриско јаболко се мали, но нема да ги оставиме граѓаните сами. Владата ќе носи мерки и политики за откуп на индустриското јаболко во интерес на сите, рече Николовски.

Говореше и за придобивките од евроатланската интеграција на земјата, посочувајќи дека Ресен е лидер во користење на ИПА фондовите во првиот повик. Годинава, додаде, во Македонија на само еден повик биле склучени 919 договори во износ од 16 милиони евра, што според него, толку вкупно се склучени во претходните девет години во делот на ИПАРД.

– Рекордни 142 договори се склучени до денеска за подршка во механизација, нови трактори, опрема во преработувачките капацитети. За 2019 година ќе дадеме силен поттик и на секундарното производство, истакна Николовски.

Во рамките на 18-тиот „Преспански јаболкобер“ на градскиот плоштад „Цар Самоил“ има и саем на земјоделска механизација, ликовна работилница насловена „Јаболко на хартија“ и презентација на традиционална кујна. Во Општината ќе се одржи трибина „Предизвици и придобивки од ЕУ ориентирано земјоделство“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *