Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, денеска имаше средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија Сергеј Баздникин.
Претседателот Џафери, информираат од собраниската прес-служба, му посакал на новоименуваниот амбасадор Баздникин успех во извршувањето на оваа одговорна функција.
Тој нагласил дека стратешки приоритет на Република Македонија со одлука на граѓаните се евроатлантските интеграции на земјата, но големо значење се придава и на унапредувањето на билатералните односи со Руската Федерација, а особено на парламентарната и економската соработка.
Амбасадорот Сергеј Баздникин, се вели во соопштението, истакнал дека негова цел во рамките на мандатот ќе биде продлабочувањето на меѓусебната соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија во бројни полиња од заеднички интерес и укажал на потребата за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји.
Соговорниците оцениле дека интензивирањето на меѓупарламентарната соработка може да се реализира преку взаемни посети на Групите за пријателство, а со оглед на тоа што таква група во Собранието на Република Македонија веќе постои, амбасадорот се заложил за забрзување на основањето на соодветна група и во Федералното собрание на Руската Федерација, што би бил одличен начин на размена на идеи, мислења и искуства.
На средбата, информираат од собраниската прес-служба, станало збор и за текот на референдумската кампања чијшто овластен носител е Собранието на Република Македонија. Џафери и амбасадорот Баздникин изразиле очекување за зацврстување и унапредување на севкупните односи меѓу двете земји, во духот на традицијата и меѓусебното пријателство.