Дел од животната приказна на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

dzordz11-1

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ

По осамостојувањето на Република Македонија, господинот Атанасоски активно се вклучи во македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во земјава и во светот. Во 1999 година Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски се кандидира за претседател на Република Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар

Господинот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е роден на 18 февруари (сечко) 1952 година во селото Марул, Прилепско, од татко Алексо и мајка Спасија. Оваа година го слави своето шеесет и шесто лето Господово на неговиот бурен живот, за кој со право се вели дека е еден од најуспешните македонски бизнисмени во светот. Во 1985 година се ожени, а во брак има четири сина. А во неговото потесно семејство се и сестра му Виолета, која е кардиолог во Флорида, а брат му Јосиф е позната и призната личност во бизнисот на американското општество.

Во 1970 година Џорџ Атанасоски заминува за САД, кај својот постар брат Јосиф, со кого ја почнал својата кариера како инженер вработен на Универзитетот во Њујорк. По само пет години сложните браќа формирале своја фирма што подоцна ќе прерасне во голема компанија.

Меѓутоа, Големиот Џорџ е препознатлив како најзначаен инвеститор од Македонците во дијаспората кои инвестирале во дедовската земја – Република Македонија. Тој е основач на македонскиот светски неделник „Македонско сонце“, на претпријатијата „Мак ам“, како интернационална компанија, на хотелот со бензинска пумпа „Сонце ГА“ и хотелот „Липа“ во Прилеп, најпатриотската телевизиска станица во Македонија ТВ „Сонце“ во Скопје, „Жито-Прилеп“ во Прилеп, на Такси службата „Сонце“ во Скопје и други инвестиции.

Со тоа Големиот Џорџ се вбројува меѓу економски најуспешните Македонци во светот. Затоа со право се вели дека иако Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски подолго време живее и твори во САД, од своето емигрирање до денес, тој е нераскинливо поврзан со судбината и со настаните во Македонија.

Меѓу другите активности во новата средина во САД, господинот Атанасоски стана член, а подоцна и секретар (1974-1980) на една од најстарите македонски организации во Северна Америка, „Македонската заедница во Њујорк“. Организацијата ја промовираше македонската нација, нејзината историја и култура. За време на работата во „Македонската заедница во Њујорк“, тој ја обедини македонската заедница преку спонзорирање на социокултурни настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, симпозиуми, вечери на поезија, спортски настани и слично.

Тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија. Имено, шеф е на Организацијата за заштита на македонското име, знаме, устав, како и промоција на признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот.

Паралелно со промовирањето на демократијата во Македонија, во мај (косар) 1992 година, господинот Атанасоски ги фокусираше своите напори за финансиско помагање на „Светскиот македонски конгрес“ (СМК). Оваа асоција е широка организација која го форсира цивилното општество и економскиот развој, ги координира и им дава техничка поддршка на невладините организации.

Истата година, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е избран за претседател на „Светскиот македонски конгрес за Северна Америка“, една од највлијателните македонски невладини организации во светот. Неговата работа во СМК резултира со организирање хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата на Македонија.

По осамостојувањето на Република Македонија, господинот Атанасоски активно се вклучи

во македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во земјава и во светот, при што особено внимание посветува на нивниот економски напредок.

На 24 јуни (жетвар) 1994 година, за да ја назначи важноста и да создаде верба во независните медиуми, тој го кофинансира, организира и етаблира првиот светски македонски неделник „Македонско сонце“, кој успешно опстојува на македонскиот медиумски простор, отворен за секој граѓанин во земјата и во светот.

dzordz11-2

Како резултат на неговата политичка кариера, на претседателските избори во октомври (листопад) 1994 година, македонскиот бизнисмен Атанасоски се кандидираше за независен кандидат за претседател на Република Македонија.

Беше потребно за исклучително кратко време да обезбеди десет илјади потписи. И кога сè беше завршено во рекордно време, Републичката (државна) изборна комисија, за жал, „констатира“ дека не е обезбеден потребниот број потписи. Аргументираните докажувања не вродија со плод.

Исто така, и во 1999 година Атанасоски се кандидира за претседател на Република Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар и држава во која ќе владеат законите на правниот систем. Основна агенда во неговата кампања беше да се забрза економскиот и социјалниот развој на Македонија. За жал, од слични причини не успеа да ја реализира својата намера.

Меѓутоа, Атанасоски не ја напушти почнатата патека за доброто на македонскиот народ и за неговата подобра сегашност и иднина. Продолжи со своите активности и како резултат на тоа, во текот на јануари (коложег) 1996 година, поведе иницијатива за формирање на политичката партија „Македонска алијанса“.

Окружниот суд во Скопје, како надлежен за Судскиот регистар на политичките партии, во вонпроцесна постапка, а во согласност со законските одредби, одлучи и донесе решение со кое „Македонската алијанса“ со седиште во Скопје стекнува својство на правно лице и дека може да започне со работа од 22 март (цутар) 1996 година.

dzordz11-3
Ѓ. Атанасоски и С. Катин пред споменикот на Ченто во Прилеп

Од 1996 година па до денес, господинот Атанасоски е претседател на партијата „Македонска алијанса“. Партијата е регистрирана во Скопје, но има свои ограноци речиси во сите земји во светот, во кои живеат Македонци. Промовирајќи ги своите патриотски ставови, „Македонска алијанса“ стана синоним за националната борба на македонскиот народ. За таа цел, во 1998 година „Македонска алијанса” ја формира „Македонската национална коалиција“, со која учествуваше на парламентарните избори. За жал, партијата не се здоби со пратеник во Собранието на Република Македонија, од веќе добро познатите причини.

Меѓутоа, и покрај сè, „Македонската алијанса“ упорно продолжува со својот амбициозен план за развој на македонската економија, за излез од кризата и за развој на државата. За таа цел, партијата нуди рака за соработка со сите Македонци и малцинства во Република Македонија, за во иднина сите да партиципираат во севкупниот просперитет на државата.

Познатиот македонски бизнисмен Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е уште поголем хуманист, донатор и мецена на многу важни национални и културни манифестации во Република Македонија и во прекуокеанските земји, каде живеат и работат многубројни Македонци. Тој дава сеопфатна стручна економска и политичка анализа за состојбите во земјава и пошироко.

Тој долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји со спонзорирање на социокултуролошки настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, спортски настани и друго. Тој особено се грижи за Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа, Горна и цела Албанија.

Затоа со право се вели дека Големиот Џорџ навистина е прототип на Македонец кој со своето знаење, интелигенција, итрина и приспособливост успешно се снашол во туѓина. Воден од љубовта кон Македонија и од нејзиното сонце, како Големиот Александар, активен е и во Македонија.

Цели дваесет години од осамостојувањето на Република Македонија, тој со срце, душа и голема љубов учествува и инвестира во економијата, политиката, културата, медиумите и воопшто во социјално-општественото живеење и опстојување на македонскиот народ и Македонија.

Ѓоргија-Џорџ Атанасоски денес живее со неговата Марија Гoнчарова, родена на 11.04.1965 година. Таа е интернист и е внука по тетката Наталија Гoнчарова Николовна, сопругата на најголемиот руски поет, Александар Сергеевич – Пушкин.

Продолжува

slave-katin-nova2
Пишува: СЛАВЕ КАТИН