Сугарески: Бараме решение да не се укине меѓународниот воз Белград-Солун-Белград

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека прави напори да не се реализира најавеното укинување од 1 октомври на меѓународната железничка патничка линија Белград-Солун-Белград која транизитира низ Македонија.

– Оваа линија е од огромно значење за Република Македонија. Ќе направиме се што е во наша моќ  да го надминеме некако тој проблем, но не зависи од нас. Нивниот одговор е дека линијата нема економска исплатливост, изјави Сугарески одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Визбегово.

Како што рече, повторно ќе разговара со српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ за линијата за што веќе разгоаврале пред неколку месеци при посетата на Белград.

Во случајот, укажува, тука не е проблем македонската Влада, туку до Железници Србија кои постојано се повикуваат на тоа дека линијата е економски неисплатлива.

– Во овие десетина дена до крајот  на месецов ќе направам се тоа  да не се случи, ако треба и со нова посета и разговори. Тоа што е до македонската Влада тврдам дека ќе го направиме, но случајов не зависи само од нас, рече Сугарески.

Тој не сака  да зборува за алтернативи затоа што, како што рече, целта  е меѓународната линија да остане. Како што го информирале, нејзино укинување се барало со години со образоложение дека нема економска исплатливост. 

Од Македонски железници Транспорт АД Скопје претходно информираа дека прават напори да не се укине единствениот меѓународен воз низ Македонија. На нивното барање за средба со директорот на „Србија воз“ Југослав Јовиќ, добиле одговор дека поради негова зафатеност во наредниот период средбата би можела евентуално да се одржи околу 26-ти месецов, само неколку дена пред укинување на возот, откако ќе се врати од службен пат и по дополнителни усогласувања на можни термини.

„Србија воз“ уште јануари годинава ги известиле МЖ Транспорт дека во согласност со грчки TRAINOSE, донеле одлука за укинување на линијата поради економска неисплатливост. Таквата одлука ја донеле како железнички уптрави од каде тргнува односно пристигнува возот, а МЖ Транспорт како транзитна железничка управа има право само да вложи приговор. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *