Буковска пипер, „Станушина“ и Македонски ручек на „Тера Мадре“ во Торино

Президиумите Слатко од диви смокви, Буковска пипер, Вино „станушина“ и Мед од македонската медоносна пчела ќе бидат изложени на  12. Меѓународен саем на Слоу Фуд: Тера Мадре Салон дел Густо во Торино, Италија.

Македонскиот штанд, како што велат  ќе биде збогатен и со мармалад од шипки од Бабуна, како и со јаболков оцет од диви јаболка од Осоговските планини.

Саемот почнува утре и ќе трае до 24 септември. Го организира Слоу фуд, а пораката е „Храна за промени“.

– Нашата делегација брои 70 членови, а во неа, покрај производители има и универзитетски професори, готвачи, студенти, како и активисти и членови на Слоу фуд. Освен што ќе ги претставиме нашите президиуми, тука е секако и Алијансата на готвачи. Предвидено е шеф Зоран Мајновски да подготви Македонски ручек со тетовско гравче, праз, свинско месо, буковски пиперки и бело овчо сирење од президиумот Маворово – Река, вели за МИА  претседателот на Националниот одбор на Слоу фуд Македонија Николче Николовски.

Тера Мадре Салон дел Густо се организира секои две години. Овојпат Слоу Фуд одлучи повторно најголем дел од активностите и изложувачите да ги лоцира на саемот Лингото, но и во музеите и кралските палати низ Торино.

Манифестацијата е формално поделена на пет тематски области: „слоу мит“, семиња, пчели, здравје и храна и „слоу фиш“. Тие се и програмски издвоени со конференции, дегустации, изложби и соовдетни готвења.

Младите, домородните народи и мигрантите, ќе бидат трите клучни теми, но ќе стане збор и и за ГМО, органско земјоделство, борба против отпад од храна, отпорност на антибиотици кај животните, земјоделството како решение за климатските промени, потребата од мали, но наративни етикети на производите кои би ја раскажале целата приказна од местото на потекло до тоа како е направен производот, заедничка политика на храна, скратување на синџирот на снабдување преку алтернативни модели на дистрибуција, одржлив рурален туризам, зачувување на нематријалните културни наследства,…

Во рамки на Саемот ќе има форуми на кои ќе се отворат прашањата за заштеда на семе, хранење на Планетата со агроекологија, отпорни овчари, вина на Балканот, Селата против депопулацијата, лажните зелени бизниси,…

Ќе се одржи и конференција за „слоу чиз“, производство на сирење од сурово млеко.

Според Николовски, последниве години се забележува зголемување на свеста кај потрошувачите за храната што се консумира секојдневно.

– Се повеќе се размислува за здрава храна, за органска храна, се подигнува нивото на свест за она што го пропагира Слоу фуд, т.н. вистиснка храна, храната што ја познавале нашите баби и дедовци, одгледана тука, на нашето локално поднебје, од локалниот агробиодиверзитет, без употреба на големи количини хемиски средства. Оваа храна е блиска до вкусот и навиките на нашиот народ, многу се разликува од индустриски произведената. Мило ми е што многу млади фармери и консументи се приклучуваат кон оваа идеја, да ја произведуваат ваквата храна и да ја бараат за консумација, истакнува Николовски.

Тера Мадре Салон дел Густо е поддржан од регионот Пиедмонт и градот Торино. Ова е најважниот настан посветен на културата на храната. Ќе учествуваат 800 изложувачи на храна од  160 земји, 300 президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре.