Поенти референдум: ЕУ и НАТО се мнозинска волја на граѓаните на Македонија

ЕУ и НАТО се мнозинска волја на граѓаните на Република Македонија, кои очекуваат европски живот и интеграција во најголемите сојузи во светот. Македонија нема друга алтернатива освен интеграциите во НАТО и ЕУ, истакнаа вчера поддржувачите на референдумот, повикувајќи ги граѓаните да покажат одговорност и да се изјаснат на 30 септември, затоа што во прашање е иднината на државата.

– Претстојниот референдум е најважниот глас во историјата на вашата нација. Граѓаните да го искористат своето демократско право и да гласаат на референдумот кој е историски за натамошниот напредок на Македонија на патот на интегрирањето на земјата во НАТО и ЕУ,  и во тоа ја имате поддршката од САД, порача а мериканскиот секретар за одбрана Џејмс Матис за време на вчерашната посета во Скопје.

Неодамна,  како што рече, прославивте годишнина од референдумот на кој над 95 отсто од граѓаните се одлучија за независноста на земјата. – За две недели вашите граѓани уште еднаш ќе добијат можност да ја придвижат земјата напред, рече Матис.

Нагласи и дека Алијансата се залага и за зачувување на територијалниот интегритет и на слободата и демократијата. – Ние сме подготвени да ви посакаме добредојде како 30. членка на НАТО, нагласи секретарот за одбрана на САД.

– Пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на средбата со Матис.

Еврокомесарот Јоханес Хан пред граѓаните на Штип порача дека е оптимист оти референдумот на 30-ти септември ќе биде успешен, а граѓаните ќе излезат и ќе го дадат свој глас. Забележа дека се работи за одлука на граѓаните кои треба самите да ја донесат и ги повика младите да го сторат тоа, бидејќи се работи за европската иднина на нивната земја.

На трибината, Хан истакна дека референдумот е од консултативна природа и оти без разлика на исходот, што поголемата излезност ќе им даде, како што рече, појасен мандат на политичарите во кој правец да размислуваат.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната трибина во Струга истакна дека шансата на Македонија и е во дланката и треба само да ја зграпчи.

– Нашето место е во ЕУ и НАТО и друга алтернатива за тоа не постои, подвлече Заев.

Премиерот уште еднаш потсети на придобивките од членството на земјата во НАТО и Европската унија, кои носат повисок економски стандард мотивирачки плати, владеење на правото, сигурност и безбедност, квалитетна и ефективна администрација, како и вечен мир, слобода, безбедност, стабилност и сигурност.

– Референдумот е волјата на народот и не може да се замижи и да се бега. Политичарите не смеат да си ја пикаат главата во песок. Нема враќање од клучни историски моменти, рече меѓу другото на вчерашната дебата за НАТО министерот Никола Димитров.

Тој спомена дека ако за нешто се согласуваме тоа е дека иднината на Македонија е во НАТО и во ЕУ. Нема политичка партија од независноста во 1991 година до денес, која, какон што подвлече, не ги има овие две стратешки цели во својата програма. Посочи дека поддршката од граѓаните се движела од 60 до 80 проценти.

– Во последните месеци поддршката расте бидејќи членството е поопипливо со надминувањето на разликата за името со нашите пријатели од Атина, рече Димитров.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас во интервју за МИА непосредно пред неговата денешна посета на Македонија вели дека претстојниот референдум претставува одлучувачки патоказ за натамошниот пат на земјата кон ЕУ, но сепак Македонците се тие кои треба сами да одлучат во која насока ќе се движат.

– За нас овој референдум претставува одлучувачки патоказ за понатамошниот пат на Скопје во правец на ЕУ. Сепак, на крајот, Македонците треба сами да одлучат во која насока ќе се движат. Оваа одлука никој не може да им ја одземе, и добро е што е така. Важно е што е можно поголем број на граѓани да го искористат своето демократско право и да гласаат, истакнува  Мас.

Претседателот Ѓорге Иванов на средбата со  министерката за одбрана на Италијанската Република, Елизабета Трента истакнал дека македонското интегрирање во евроатлантските структури ќе придонесе за стабилност, просперитет и отвореност на целиот регион, притоа нагласувајќи ја важноста за продолжување на италијанската поддршка во однос на нашето членство во ЕУ и НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *